Градот Скопје со поддршка на дневните центри за лица со интелектуална попреченост „Порака“

Градот Скопје и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака Скопје“ склучија договор за поддршка на двата дневни центри за лица со интелектуална попреченост кои се наоѓаат во населбите Аеродром и Капиштец, што е предвидено во Програмата за активностите во областа на социјалната, детската и здравствената заштита во Град Скопје, за 2022 година.

Дневните центри обезбедуваат поддршка на лицата со интелектуална попреченост на дневна основа, обука за усвојување и усовршување вештини за самостојно живеење, работно-окупациони програми, образовни програми и социјални активности. Дел од програмските активности се и комуникација и социјализација во група и надвор од неа, физикална рехабилитација, тренинг програми за развивање вештини за културно творештво, оспособување за работа на компјутер и компјутерски програми, тренинг програма за усвојување традиционални занаети и друго.

Дневниот центар во Аеродром што се наоѓа на булеварот Јане Сандански бр. 70, лок. 1, зад ТЦ „Бисер“, работи секој работен ден, од 7 до 16:30 часот.

Центарот во Капиштец за лица со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст, се наоѓа на улицата Васил Ѓоргов број 4.