Македонија четврти пат се вклучува во одбележувањето на интернационалниот ден „Со велосипед на работа во зима“ (Winter bike to work day - Skopje #4). Иницијатори на одбележувањето се група ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје „На Точак“. 

Во одбележувањето се вклучуваат Министерствата за животна средина и просторно планирање, за образование и наука, Град Скопје и повеќе општини.

Целта на оваа глобална иницијатива е да се подигне јавната свест за зголемено користење на велосипедот како превозно средство. Во време кога сме соочени со големо загадување на амбиенталниот воздух, велосипедот треба да биде замена за моторните возила.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со претседателот на Советот, Андреј Манолев и советникот Владимир Кроневски, се приклучи кон оваа активност и на работното место пристигна со својот велосипед.

Општина Карпош ги повика сите граѓани, карпошани да дојдат до своето работно место, училиште или факултет, со велосипед.

„Ги повикуваме сите карпошани кои се придружија на денешната синхронизирана акција, да споделуваат содржини на социјалните мрежи со следнив ехаштагови: #WinterBikeToWorkDay, #WinterBikeToSchoolDay, #WBTWDSkopje и #WBTSDSkopje“, порачаа од општината.

МЖСПП апелира до велосипедистите од сите градови во Македонија да земат учество во оваа активност, а со тоа да го позиционираат својот град на мапата на светски градови каде велосипедот и зиме се користи како превозно средство.