Град Скопје: Казна од 50 евра ако оставите смет до контејнер

Комуналните инспектори се постојано на терен. Во изминатиот период при редовна контрола на самото место затекнаа седум лица како ја загадуваат животната средина и непрописно го фрлаат отпадот. На овие седум лица им беше изречена парична казна согласно Законот за јавна чистота.

Како што информираат од Град Скопје за 1-ва скопска, засилените активности и контроли на Инспекторатот на Град Скопје резултираа со драстично зголемување на бројот на мандатни казни, како и со превентивно делување со укажувања на граѓаните како се депонира комуналниот отпад и каде треба да биде однесен и депониран отпадот како градежен шут и кабаст отпад.

Во месеците септември и октомври има зголемување на изречени казни за 100 % во однос на овие месеци минатата година и се изречени 269 мандатни казни. Дел од нив се пратени на извршител за наплата, најголемиот дел се во вид на извршување општокорисна работа, како и 200 превентивни опомени за физички и правните лица.

Зајакната контрола има и на градилиштата во сите општини во Скопје. Во овој период извршени се контроли на повеќе од 50 локации каде што се вршат градежни активности, при што на изведувачите им се укажува да не се излегува од градилиштата на улица со камиони со валкани тркала и непокриени со церади.

Висината на казните зависи од видот на прекршокот, каде истите започнуваат од 50 евра (казна за несоодветно фрлање отпад и одат нагоре. Поради честата појава за палење оган на отворено, исто како и во минатата година, повторно ќе се активира бесплатната телефонска линија 193, на која граѓаните можат деноноќно да пријавуваат огнови кои што горат на отворено и придонесуваат за загадување на воздухот.

По овие повици на терен ќе реагираат тимови – комбинирани патроли, кои ќе бидат составени од лица од градскиот инспекторат, полицијата, Противпожарната бригада и социјален работник.