Град Скопје го одложи најавениот повик за искористување на средства за субвенции за нови печки на пелети

Скопјани кои што планираа годинава да се греат со печки на пелети, а не успеаа да добијат субвенции на првиот јавен повик објавен на почетокот на годината најдобра е да си бараат друг начин за затоплување за оваа грејна сезона.

Град Скопје го одложи највениот повик што планираше да го објави за искористување на средства за субвенции за нови печки на пелети што останаа непотрошени.

Поради локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври од Градот велат дека не можат да објавуваат јавен повик. А дали овие средства што беа предвидени во буџетото за 2017 година ќе се искористат за печки на пелети или ќе се пренаменат ќе зависи од новиот Совет што ќе се конституира во Град Скопје.

- До завршувањето на изборите и конституирањето на новиот совет, согласно изборните закони, не може да се спроведе јавен повик за субвенции за набавување на печки на пелети, а по завршување на изборите советот ќе донесе одлука дали ќе се објави јавен повик. Во претходните два повика беа доделени 405 субвенции за набавка на печки на пелети за кои беа обезбедени 12,2 милиони денари од буџетот на Град Скопје, истакнуваат од Град Скопје.

Со буџетот за 2017 година на Град Скопје беа предвидени 10 милиони денари помош за граѓаните кои ќе набават печка. Градот на 27 февруари објави јавен повик за доделување субвенции за оваа намена кој траеше до 13 март. За субвенции на адреса на Град Скопје пристигнаа 290 барања, а беа предвидени да се поделат 330. Со што непотрошени останаа нешто помалку од четири милиони денари, за што Градот најави дека ќе распише нов јавен повик кој сега е одложен поради изборите.

Право на учество на субвенции имаат жителите на град Скопје (домаќинствата) во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на јавниот повик до истекот на 15 дена од денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок. На јавниот повик немаа право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.

Повратот на средствата е во висина од 70 проценти од износот на набавената печка, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

За прв пат пак овие субвенции беа воведени лани кога на располагање беа 5,8 милиони денари, а на крајот беа прифатени 196 барања на граѓани. Граѓаните што веќе користат печки на пелети велат дека се презадоволни од топлината што ја добиваат во домовите, а и немаат многу обврски околу печката.