Ѓорче Петров се менува: Нов трговски центар со модерен изглед

Веќе подолго време во општината Ѓорче Петров на самиот кружен тек, од десната страна движејќи се кон излезот на градот, во правец на паркот стои оградена локација. Тоа е местото каде што се гради новата зграда на бизнис центарот „Емпорио“, во кој еден дел е наменет за општинската административна зграда.

Овој проект е реализација на договорот за јавно и приватно партнерство помеѓу општината Ѓорче Петров и компанијата „Трансмет“ од Скопје, која воедно е и изведувач на градежно-занаетчиските работи на објектот.

Проектот на овој административно-деловен комплекс, кој се состои од два објекта на приземје и пет ката, архитектонско и визуелно поврзани, е на архитектите од познатото проектантско студио „ДСЦ Дизајн“ од Скопје. Објектот го конципирале како бизнис центар со низа различни комплексни содржини.

Новиот бизнис центар „Емпорио“, откако ќе биде во целост изграден, ќе стане ново секојдневно собиралиште на жителите од Ѓорче Петров и пошироко. Поврзувајќи ја содржината со архитектонскиот израз на објектот, архитектите од „ДСЦ Дизајн“ успеале да доловат целосно доживување, она што не може да се изрази во квадратни метри и сувопарни бројки.