Герасимовски: Сто прочистувачи за воздух за сите занимални во сите градинки во Центар

Во период кога загаденоста на воздухот се мери и над 100 микрограми на метар кубен, Општина Центар доставува 100 прочистувачи за воздух за сите занимални во сите градинки во општината.

– Прочистувачите ќе бидат поставени во просториите каде најмладите го поминуваат најголемиот дел од нивниот престој, со што се обезбедува здрав и квалитетен воздух за децата, слободно извршување на нивните секојдневни обврски и нивна помала изложеност на загаден воздух и штетни честички, соопшти Општина Центар.

Прочистувачите на воздухот, додаваат, ги редуцираат вирусите и бактериите, спречуваат настанување на мувла и влага по ѕидовите и со нивно користење дечињата ќе добијат поквалитетен и поздрав воздух во просториите на детската градинка.

– Општина Центар обезбеди прочистувачи за воздух за сите три градинки и осум објекти-клонови, во висина од 1.600.000 денари, преку програмата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, се вели во соопштението.