Финишира доизградбата на две улици во Ѓорче Петров

Улиците „Антон Чехов“ и „Австралиска“ во населбата Даме Груев, Општина Ѓорче Петров, наскоро ќе бидат готови. Работите на терен се при крај, информираат од општината. Во моментов се поставуваат бетонски рабници на улицата, а потоа ќе се формира коловозот во должина од 265 метри на двете улици. Ова е последна фаза, односно доработка на реконструкцијата на улиците која започна минатата година. Работите беа прекинати извесен период поради нерешени имотно-правни односи со некои од сопствениците на куќите кои се наоѓаат на истите улици. Претходно беше изведена атмосферска и фекална канализација како и комплетно осветлување.

Со ова, двете улици ќе бидат поврзани со улиците „Новопроектирана 1“ и „Даме Груев“, каде се наоѓа основното училиште „Страшо Пинџур“. Од другата страна ќе се поврзат со главната сообраќајница која ја поврзува населбата, улицата „Лука Геров“.