Филипче предупреди за повторно воведување рестрикции поради непочитување на мерките

Министерот за здравство Венко Филипче порача дека  повторно ќе бидат воведени рестрикции во некои места ако тоа го наложи епидемиолошката состојба. Тоа го анализирале денеска на состанок на Комисијата за заразни болести  и ќе ја следат будно состојбата во наредните денови. Засега се уште нема потреба од таква мерка зашто се следат кластерите на вирусот.

Карантински мерки може да бидат воведени за општини каде има зголемен број на новозаразени. Тоа се Сарај, Чаир, Гази Баба и Аеродром  каде има поголема концентрација на нови заразени од  периодот на строгите рестриктивни мерки. Половина од 52 новозаразени (односно 26) во изминатите 24 часа се од Скопје.

Според Филипче, загрижува тоа што граѓаните не ги почитуваат препорачаните мерки за носење маски и дистанца, а има и прекршувања на решенијата за изолација и движење надвор од карантинот, има групни собирања, како и несоработка со епидемиолозите, давање лажни податоци и адреси за да не им се достават решенија за изолација. Тој рече дека ќе има посилни контроли , а од МВР побара поголема ажурност и санкционирање.

Нагласи дека и покрај олабавувањето на мерките и укинувањето на полицискиот час, мерките за заштита остануваат и, како што рече, тие се јасни и не се тешки за да се применуваат.

-Огромен број граѓани не се свесни за вирусот и болеста. Занемарување на вирусот нема да ни помогне, туку ја отежнува ситуацијата, предупреди Филипче.

Соопштувајќи ја статистиката, рече дека во 14 дена процентот на заразени е 5,5, а во него е вкалкулиран и од скринингот од моментот кога почна да се прави во градинките.

Исполнетоста на капацитетот на болниците е 11 проценти и тие се во добра кондиција. Бројот на оздравени здравствени работници е висок, рече Филипче, односно над 22 проценти.

Инциденцата во 14 дена е 10,3 проценти т.е. три пати помала од пикот во април.  Има 15 градови во кои биле регистрирани болни, а повеќе немаат заразени.