Фестивал на комедијата „Гола месечина“ во Аеродром

Осум театри ќе настапат на осумдневниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ кој го организираат театарот „Комедија“ и Општина Аеродром. Меѓународниот фестивал ќе се одржи по трет пат оваа година од 20-ти до 29-ти јуни. „Гола месечина“ ќе се одржи на отворената сцена во спортскиот центар во населба Ново Лисиче, а ќе настапат 4 македонски театри, плус театри од Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Посетителите ќе имаат прилика да ги видат изведбите на „Автобусот“ на „Алеко Константинов“ од Софија, „Балкански шпион во Сараево“ од Народен театар Сараево, „Елинг“ од Белградскиот драмски театар и „Жорж Данде“ од Народен театар Ниш. Од домашните театри ќе се претстават прилепскиот Народен театар „Војдан Чернодрински“ со претставата „Хамлет од Горно Дупени“, охридскиот Народен театар со „Парламентарки“, Театарот за деца и младинци со претставата „Македонска приказна“ и популарната „Нешто пропуштаме“ на Театар „Комедија“.

На завршната церемонија на затворање на фестивалот на 29-ти јуни, ќе бидат доделени четири награди, за надјобра женска и машка улога, најдобра режија и Гран-при за најдобра претстава. Во рамки на фестивалот ќе бидат промовирани и драмите на Венко Андоновски „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“. Организаторите најавија и работилница за актери која ќе ја водат актерите од театарот „Комедија“.