Иако секоја љубовна двојка е различна и нормално е дека не важат за сите истите правила, постојат одредени фази низ кои секоја врска задолжително мора да помине. Овие фази се основата врз која треба да се изгради една цврста и успешна врска со потенцијал да трае вечно.

1. Фаза на додворување

Период во кој розите цутат, пеперутките танцуваат во стомакот и соништата делуваат како да станале реалност. Првите состаноци, првите допири, потребата да се поминува што повеќе време заедно… Денови исполнети со ентузијазам, возбуда, забава и романтика. Се будите со насмевка на лицето бидејќи мислите на саканата личност и си легнувате со истата помисла. И двајцата се покажувате во најдоброто можно светло: Тој е вистински џентлмен, а таа права дама. Нема несогласувања и кавги, само хемија и желба. Ова е периодот кога љубовта навистина е слепа. Иако сè што се случува е далеку од реалноста, страста, а не љубовта прави да заборавите на сè друго освен на пријатното чувство кое го имате кога сте заедно.

2. Фаза на будење

Без разлика колку ќе трае претходната фаза на додворување, тој безгрижен период секогаш трае кратко. Набргу ќе морате да се соочите со реалноста. Првите сериозни несогласувања, првите кавги, навреди и првиот повик за помош од вашите пријатели. Сега вашиот партнер пред вас стои соголен од целата, таа мистична привлечна аура со која го облековте. Да, ова е вашиот партнер во вистинско светло. Човек како и сите други, совршен со сите негови несовршености. Почнувате да се прашувате: Дали ова е вистинската личност за мене? Збунетост, сомнеж, загриженост. Ова е најважниот момент кој ќе пресуди дали врската ќе успее или не. Колку навистина си одговарате? Дали сте доволно зрели за да ги надминете сите тешкотии?

3. Фаза на доверба

Соочувањето со реалноста и целата таа напнатост од претходната фаза, сепак носат нешто добро. Благодарение на тоа вие ќе се запознаете и ќе почнете меѓусебно да се разбирате на едно многу подлабоко ниво. Сега сте целосно свесни за тоа што му се допаѓа и не му се допаѓа на вашиот партнер, за сите негови квалитети и недостатоци, за неговата цел и мислење и конечно за неговите чувства кон вас. Верувате во него и како личност и како партнер. Знаете дека оваа личност е прекрасна и што е уште поважно дека е секогаш тука за вас да ви пружи поддршка. Можеби возбудата од првата фаза не е веќе толку присутна, но затоа нејзиното место е заземено од многу подлабоки чувства како што се меѓусебна доверба, сигурност и почит. Вие созревате заедно и учите да правите компромис и да покажувате почит кон вашите потреби и желби. Станувате подобри луѓе и подобри љубовници.

4. Фаза на одново запознавање

До оваа фаза стигнуваат само врските што се навистина успешни. Ова е долго очекуваниот период на истрајна и вечна љубов по која сите трагаат, но ретко кој ја доживува. Во оваа фаза страста помеѓу вас одново се раѓа и се преточува во силна физичка желба и потреба, но на многу подлабоко ниво. Вие знаете сè за вашиот партнер и сè уште сте убедени дека е совршениот за вас. Чувствувате дека можете да му го доверите и сопствениот живот затоа што комплетно си верувате еден на друг и не се сомневате во вашата љубов. Ова е фазата во која не можете да си го замислите животот еден без друг. Ако и двајцата сте доволно зрели и паметни, оваа фаза може да трае вечно!