Европски награди за 3 македонски драмски автори

Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“ го соопшти изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2024 година. Меѓу нив се и три необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик: „Празни“ од Ева Камчевска, „Параходот замина“ од Блаже Миневски и „Парови“ од Ана Трпеноска.

Во конкуренција на 1115 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 13 текстови напишани на македонски јазик. Изборот го направија членови од 18 посебни јазични комитети на „Еуродрам“. Во Македонскиот комитет на „Еуродрам“, кој го направи изборот на македонски драми, се: Иван Додовски, писател и универзитетски професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје (претседавач);  Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и универзитетска професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз; Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Катерина Коцевска, актерка и драмска писателка од Скопје.

„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во 27 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на „Еуродрам“ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и сценско изведување.