Во паркинг просторот пред Зоолошката градина во Скопје, денеска беше промовиран едниот од повеќето полначи за електрични возила во Скопје.

Овој настан е резултат на плодната соработка помеѓу ЕВН Македонија, Градот Скопје и Јавното претпријатие Градски паркинг. Присутни беа Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер и останати претставници и гости.

„Сообраќајот е еден од изворите на загадување и поради тоа унапредувањето на овој сегмент е исклучително важно за граѓаните. Поддршката од ЕВН Македонија е од големо значење, бидејќи испраќа една јасна порака, дека за поздрав и почист град, одговорни сме сите и сите може да придонесеме. Целта е наскоро и јавниот превоз да користи електрична енергија. Во Буџетот за 2018 година планирано е субвенционирање од 100 милиони денари на ЈСП за набавка на зглобни електрични Еко-автобуси. Се надеваме дека на скопските улици ќе можеме да видиме и електрични такси возила и други видови превозни средства кои се на електричен погон. Ќе работиме и со
Владата на нови законски решенија кои ќе поттикнат и овозможат поширока употреба на електричните возила” рече Шилегов.

ЕВН Македонија освен што активно учествува во поставување полначи, за свои работни потреби користи и електрично возило. Со тоа директно придонесува во подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на животната средина и намалување на штетните гасови.

„Користењето на електрична енергија за оваа намена, секако дека позитивно влијае на околината. Нормално е луѓето да се двоумат меѓу помислата дали да се купи електрично возило пред да бидат поставени полначи, или да се купи електрично возило после нивното поставување. Токму затоа ЕВН сакаше да им олесни на граѓаните преку поставување на овие полначи, а кога ќе процениме дека истите не се доволни за потребите на растечкиот број на корисници на овој вид на возила, ќе се потрудиме да инсталираме дополнителни” истакна Петер.

Полначите за електричните возила се инсталирани во различни места во Скопје каде што има голема фреквенција на луѓе. Сопствениците на електричните возила имаат можност во 2018 година бесплатно да ги полнат своите возила на неколку локации низ Скопје, кај плоштад Македонија, Зоолошка градина, Градско собрание, Рамстор – Центар и Капитол Мол.