Двете најголеми македонски градежни фирми и една италијанска ќе го градат новиот Клинички центар

Новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“ во соработка со една италијанска компанија, најаваи  министерот за здравство Никола Тодоров.

- Оваа понуда е избрана како најприфатлива за доделување на договорот за изведба, а истовремено ги исполнува сите услови кои се предвидени за изградба на вакви комплексни објекти. Изборот е направен врз основа на добивање на одобрување од страна на Банката на Советот на Европа. Комисијата за секој чекор и одлука добиваше одобрение од стручен тим на Банката за развој на Советот на Европа, истакна Тодоров.

Посочи дека со заокружување на оваа фаза од постапката се става крај на сите шпекулации и коментари, дека овој проект е само празно ветување и, како што рече, ова покрај тоа што е еден од најсериозни проекти за македонското здравство во овој момент е еден од најсериозните проекти и за Банката на Советот на Европа и во целиот процес се вклучени врвни експерти.

- Потпишувањето ќе биде по доставување на валидната банкарска гаранција од понудувачот за квалитет на изведбата во вредност од 10 проценти. Оваа процедура трае од 15 до 25 дена. Почетокот на изведбата се очекува да биде во тек на јуни 2017, а изведувачот ќе работи во фази со цел да се овозможи непречено функционирање на Клиничкиот центар во Скопје, рече Тодоров.

Нагласи дека прво ќе се обезбедат времени пристапни патишта во рамки на Клиничкиот центар, како и трансфер на Клиниките за неврологија, кожна и очна клиника во простор каде ќе ги извршуваат своите функции додека трае градбата.

Според него, станува збор за грандиозен објект, што заедно со објектот со кој се спојува, ќе има нето површина од повеќе од 70 илјади метри квадратни и ќе внесе голем број подобрувања во секојдневните активности на Клиничкиот центар.

- Оваа инвестиција претставува круна во македонскиот здравствен систем. Со оваа инвестиција го унапредуваме највисокото ниво на здравствена заштита, терциерното ниво, на кое се третираат и најсложените и најкомплексните здравствени состојби, а за кои условите со новиот Клинички центар ќе бидат подигнати на едно многу повисоко и посовремено ниво. Кога ќе се изгради ќе биде најсовремен здравствен објект во поширокиот регион на Југоисточна Европа, изјави Тодоров.