Дурловски: Да му покажеме на светот дека оваа медена земја постои и ќе постои

На покана од „Обединети Македонци“ од Канада, македонскиот оперски пејач Игор Дурловски беше дел 49. „Гоцева – комитска вечер“ во Торонто, како почесен гостин од Македонија. Покрај изведбата на на македонската химна, Дурловски одржа и почесен говор на кој порача дека овој настан е убава можност да се потсетиме на влогот на Гоце Делчев, да се поклониме пред неговото дело и храбро и одлучно, да ја прифатиме нашата историска задача и одговорност, да ја сочуваме Македонија за идните генерации.

Вечерва сум илјадници километри далеку од дома, но без чувство дека сум во туѓина, бидејќи сум меѓу пријатели, меѓу свои, бидејќи силно ја чувствувам вашата љубов кон татковината и сплотеноста во желбата да си ја сочуваме државата во овие тешки и мрачни премрежија. Токму заложбите за правда и родољубието на големиот Гоце Делчев денес му се и повеќе од потребни на секој Македонец!, рече Дурловски во неговиот говор пред македонската дијаспора.

Дурловски потсети дека во изминативе две години се соочи со најголемите предизвици во неговиот живот.

Освен како уметник, којшто со гордост ја претставувал татковината насекаде низ светот, заедно со моите истомисленици се посветив и на борба за Македонија. Насетувајќи дека може да се случи она кое што за жал подоцна и навистина го доживеавме, решив да се вклучам во граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија”, каде со денови и месеци бевме по улиците низ целата држава, секој како што умееше и можеше. Сторивме сè за да ја зачуваме унитарноста, да ја сочуваме Македонија за која се бореа нашите предци. И поминавме многу. Потоа, следеше завршниот удар – заради бранење на Уставот, нè затворија со обвинението „терористичко загрозување на Уставниот поредок” и упатија силна и јасна порака – дека никој не смее да им се спротистави во исполнувањето на нивните замисли за иднината на нашата земја. Живот во молк и со наведната глава! Разделени и поделени!, порача Дурловски во Канада.

Верувам дека гледате и следите, додаде Дурловски, како набрзина се брише, се ништи, сè што е македонско.

Исчезнува придавката македонски пред институциите, ги менуваат топонимите, од соседите слушаме дека дека македонскиот јазик бил дијалект на бугарскиот, некоја „стручна“ комисија ни ги ревидира учебниците, ја менува историјата. Уште еден катастрофален пример е што веќе трета година во Република Македонија не се доделува државната награда што го носи името на великанот Гоце Делчев. Драги пријатели, mакедонскиот народ не смее да се потценува. Македонската дијаспора исто така не смее да се потценува. Знаеме колку голем, чист и искрен е вашиот патриотизам. Тие се плашат од него. Но, затоа поддршката од вас за нас е драгоцена и од срце сакам да ви се заблагодарам за се. Оваа благодарност не е само од мене, туку и од Македонците кои во моментов уште лежат во затворските ќелии, осудени на долгогодишни казни, рече Дурловски.

Дурловски порача дека во периодот што следува пред нас стои огромна задача.

Мораме да им покажеме дека овој народ, каде и да е, е мудар. Македонскиот народ постои. Можеби е мал по бројност, но е голем по суштина и значење, а епски по својата историја која нема да дозволиме никој да ја избрише. Ние, Македонците сме повторно на нозе. И нивниот удар врз нашето минато, врз сегашноста и иднината на генерациите што доаѓаат , не прави само посилни. Она што, верувам, е заедничко за сите нас е силната верба и оптимизмот. Ја имаме правдата и вистината на наша страна и знам дека ќе успееме да се издигнеме и да излеземе од оваа темнина. Затоа ни треба вашата поддршка. Со разум, со мудрост, да се обединиме за Македонија. Да му покажеме на светот дека оваа медена земја постои и ќе постои, дека е наша и нема да дозволиме да биде територија за поткусурување! Ние сите заедно мораме да излеземе како победници. Посилни од кога било кога. Можеме да победиме само сплотени заедно! Ќе завршам со мудра мисла на великанот Гоце Делчев, кој верувал дека, не силната индивидуа, туку организираната сила на народот треба да ја извојува победата. Да сте ми живи и здрави, да живее Kaнада, да живее Републка Македонија!, заврши Дурловски.