Добродојдовте во провинцијата Скопје

Ако прошетате низ Скопје, веројатно најмалку ќе слушнете скопски дијалект, а за литературен македонски и да не зборуваме. И нормално скопјаните (од кои повеќето имаат потекло од некој друг град, што нивните родители се доселени во Скопје,) ќе кажат: „Аман од овие провинцијалците! Сè ни окупираа – факултетите, работните места, кај и да се свртиш само провинцијалци.

Ваквите ставови не можам да ги разберам, смешни ми се затоа што ако отидете во Лондон, Париз или друга некоја метропола ќе налетате на „багра“ од сите страни на светот, а најмалку што ќе имате можност да видите се лондонци, парижани и слично. За жал, или за среќа, нема многу странци кои се тепаат да дојдат да работат во земјава, а причината за тоа е што и самите имаме невработени експерти на кило.

Нетрпението кон луѓето од другите градови освен на факултет продолжува, кога започнува потрагата по работно место. Кога не можеш да се вработиш и да живееш како што сакаш во сопствениот град, нормално тргнуваш кон првата подобра дестинација. Ако се има предвид дека во речиси 70 отсто од градовите во државава економијата е мртва или пак се работи за мизерни плати, а за вработување во јавната администрација во градовите не само што ви се потребни кабли, потребна ви е партиска книшка, сосема е разбирливо зошто доаѓаат во Скопје. Не се тие криви што целата економска и финансиска моќ е централизирана во Скопје.

Скопјани велат: „Провинцијалците доаѓаат тука и го уништуваат пазарот на труд со тоа што се нафаќаат да работат за мизерна плата од 15.000 илјади, иако за истото работно место платата можеби изнесува 25.000.

„Се нафаќаат да работат за мали плати затоа што мама и тато ги потпомагаат и им праќаат пари за да платат кирија или храна за да преживеат. Прават сè за да останат во Скопје. Не бираат средства за да ја остварат целта. Да затруднат и да останат во градов, па макар после и да завршат како продавачки во бутик... Кога одиш на разговор за работа, ако директорот е од некој друг град, попрво ќе вработи некој свој сограѓанин, без разлика дали ти си поквалитетен и имаш повеќе искуство. Па затоа имаме фирми во кои се влегува по битолска, велешка, охридска линија... И на крај цела Битола, Велес или друг град од Македонија се сели во Скопје“, вели еден мој пријател.

Факт е дека со толку мала плата не може да се преживее во Скопје. Кога ќе одвоиш за кирија, режија и храна не ти останува ништо, дури остануваш и должен, ама за тоа не смее никој да се буни. Тоа е принципот на пазарната економија. Кога Македонец оди да работи во Германија, Холандија, Чешка... исто така се нафаќа да работи и за помала плата од Германците, Холанѓаните, Чесите... и тогаш се урива цената на трудот. Е кога станува збор за вработување по сограѓанска врска... никој не им е крив на скопјаните што не обрнале внимание кого примаат на работа.

Сепак, тоа што мене ми пречи е слепо држење до обичаите, начинот на живеење, дијалектот од градот од кој што доаѓаат. Па така имаме политичари, новинари, лекари и други претставници на јавни професии кои зборуваат, а некои дури и пишуваат на дијалект. Се прашувам како истите воопшто завршиле средно и факултет зборувајќи на дијалект. Да не се разбереме погрешно, немам ништо против дијалектите, тие се богатство на секој јазик и придонесуваат за негово збогатување, но сепак не се за јавна и официјална употреба, исто како што интернационализмите и англицизмите (кои стануваат се почести) не треба да се употребуваат во професионалниот и јавниот живот.

Веројатно треба да изнајдеме модел како луѓето од другите градови кои доаѓаат во Скопје да живеат и работат, да почнат да го чувствуваат како свој.