До каде е изградбата на највисоката кула на Водно со ротирачки ресторан?

Изградбата на објектот, кој официјално се вика Антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции на територија на Република Македонија, одложен е за повеќе од две години, односно рокот се помести до крајот на 2020 година.

Објектот е од армирано бетонско јадро со висина од 112 метри, во кое се сместени вертикалните комуникации, скалите и двата лифта. На висина од 57,76 метри е поставена конзолна платформа со површина од 200 квадрати, на која треба да се поставува телекомуникациската опрема.Последната платформа ќе биде изградена на височина од 85,12 метри, од која последните 2 метра од површината се предвидени да ротираат околу оската на јадрото. Идејата е во објектот да се изгради ротирачки ресторан како и административни простории за Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и за МВР.

Веќе спроведени се тестирањата во однос на влијанието на ветерот, како и испитувања за статиката на објектот во случај на земјотреси. ИЗИИС има спроведено тестирања според сите стандарди и на моделот на објектот, но и на самите челични конструкции кои веќе се наоѓаат на врвот на Водно.

Објектот ќе има и придружни содржини во приземјето: помошни простории, електроблок за непрекинато напојување, резервоари за техничка вода, како и простор за контрола и мониторинг на објектот. Над приземните содржини ќе има голема тераса.

Kамен-темелникот на телекомуникациската кула беше поставен на 10 октомври 2013 година.Вакви објекти, постојат во повеќе градови во Западна и Централна Европа и во нашето соседство како, на пример, Софија, Белград, Загреб, Подгорица и други.

Кулата ќе ја достигне крајната височина од 155 метри и ќе биде највисокиот објект од овој вид во Македонија.