Диви трки по скопските улици: Дали Скопје има потреба од отворање мотопист?

Веќе неколку години скопските улици се претворени во автодром на кој се одвиваат автотрки, кои претставуваат опасност како за пешаците, така и за другите учесници во сообраќајот.Иако трки има насекаде низ скопските улици, тие се најинтензивни во населбата Карпош, кај трговскиот центар „Сити мол“ и по должината на булеварот „Партизански одреди“, на паркингот кај „Веро 2“ во Тафталиџе и на булеварот „Февруарски поход“ во населбата Ново Лисиче.

За организирањето трки по скопските улици и булевари се свесни и од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

- Голем е бројот на лица љубители на брзото возење, односно управување на возилата или мотоциклите со големи брзини. За да ги задоволат својата потреба и желба за брзо возење, тие најчесто ги користат сообраќајниците во градот на кои се одвива хетероген сообраќај, во смисла, се движат и други моторни возила, велосипедисти, мотоциклисти и пешаци. Сите овие категории на учесници се изложени на висок степен на ризик да настрадаат од лицата што се движат со големи брзини - за Нова Македонија објаснува  Зоран Јошевски, универзитетски професор и член на РСБСП.

Кога ќе се земе предвид сето ова, се поставува прашањето дали Скопје има потреба од отворање мотописта, на која вљубениците во адреналинските спортови ќе можат да ги тестираат можностите на своите мотори и возила? 

Отворањето една таква писта, според Јошевски, пред сѐ би ја зголемило безбедноста во сообраќајот за сите категории на учесници.
- Отворањето на специјализирана мотопатека, која би ги задоволувала сите безбедносни аспекти, може да помогне некои од овие лица зависници од големи брзини своите потреби да ги задоволат на оваа патека, односно да се тргнат од улиците во градот, а на овој начин би се зголемила безбедноста во сообраќајот, особено на ранливите категории учесници во сообраќајот - смета универзитетскиот професор.

Од мотоклубот „Ноќни волци“ истакнуваат дека отворањето мотописта ќе придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот, како за моторџиите, така и за пешаците.

- Отворање специјализирана мотописта ќе доведе до зголемување на безбедноста во сообраќајот. Во моментов, особено за време на ноќните трки низ градските улици, без специјализирана писта се изложуваат на ризик вљубениците на адреналинските спортови и пешаците - велат од „Ноќни волци“. 

Оттаму додаваат дека изградбата на мотописта на моторџиите ќе им овозможи тестирање на брзината на своите возила, без притоа да се ризикува безбедноста на жителите на градските средини.

- Изградбата на мотописта е потребна и поради недоволно квалитетните улици, на кои многу често може да се најдат голем број дупки и нерамнини што може да доведат до оштетување на моторите - додаваат од мотоклубот „Ноќни волци“.

Покрај моторџиите, негодување за немањето посебна мотописта изразија и автомобилистите, кои, иако се свесни дека претставуваат опасност за пешаците и за другите учесници во сообраќајот, веруваат дека ќе ја добијат оваа „битка“ со надлежните органи.

- Неколкупати неделно се собираме сите љубители на автомобилизмот на паркингот кај „Веро 2“ во Тафталиџе. Таму ги договараме трките, но поради ризикот и опасностите што ги носи возењето по градските улици, најчесто решаваме нашата пасија да ја спроведуваме на обиколница, каде што сообраќајниот метеж е помал. Често се среќаваме и со полициската контрола, која нè брка, но немаме намера да престанеме да се тркаме и затоа бараме надлежните да ни отворат соодветна патека на периферијата на градот, каде што нема да вознемируваме и нема да му пречиме никому - вели сопственик на спортски автомобил марка „ауди ТТ“, кој сакаше да остане анонимен.

Сепак, останува непознато дали надлежните органи ќе ги прифатат овие апели и дали ќе се погрижат Скопје да добие мотопатека на која зависниците од адреналин ќе можат да се тркаат, да ги тестираат сопствените граници и да ги откријат можностите и капацитетите на своите брзи „миленици“.