Детали за тешката сообраќајка во која излета автобус што возел од Скопје за Ниш

Патничкиот автобус кој сообраќал на линија Скопје - Ниш излета во близина на Алексинац, Србија. Автобусот, од засега непознати причини, излетал од автопатот и удрил во дрвјата покрај патот. Во несреќата четворица се здобиле со повреди.

Со возила на итната помош повредените биле пренесени во Ургентниот центар во Ниш, каде им била укажана лекарска помош. Тројца од нив биле пуштени на домашно лекување, додека еден бил задржан. Неофицијално, се работи за возачот на автобусот кој претрпел посериозни повреди од ударот.

Причините за оваа несреќа се непознати, но како што пренесува српски „Телеграф“, претпоставките се дека му се слошило на возачот, по што дошло до наглото излетување. Од фотографиите кои ги објавија српските медиуми се гледа дека автобусот е заглавен меѓу дрвја и грмушки покрај патот и за среќа не се превртил.

Се работи за автобус на српската компанија „Транспродукт“ која има линија со Скопје и Охрид. Во моментот на несреќата во автобусот имало 14 патници кои се качиле во Скопје. Засега нема сознанија дали меѓу повредените има и македонски државјани.