Граѓанската иницијатива Мрдни со прст, заедно со жителите на Аеродром, како и сите оние кои сакаат да го направат своето маало поубаво и почисто место за живеење, денес, во 18.30 часот организираат активност за чистење и разубавување на областа под Железничката станица, во близина на ул. Венјамин Мачуковски.

Настанот ќе започне во 18.30 часот, а покрај предвидените активности кои ќе му дадат поинаков сјај на овој дел од градот, присутните ќе ги анимираат препознатливите мрдачи со прст - Тони Зен, ДЈ Гоце Саф и Марко Новески. Kако траен спомен од овој настан кој ќе биде потсетник за одржување на чиста околина, ќе остане и уметноста на мајсторите за графити кои ќе ги разубавуваат столбовите на Железничката станица.

Разубавувањето токму на оваа област е всушност реакција од страна на совесен граѓанин кој пред неколку месеци го пријавил проблемот на веб страната www.mrdnisoprst.mk како локација во градот на која и е потребно чистење, разубавување и редовно одржување.

Во акцијата, активно ќе мрдаат со прст Сојузот на извидници на Македонија Ајде Македонија, Националниот младински сојуз на Македонија, Биди Зелен, Општина Аеродром и сите останати кои знаат дека потребно е малку, за да се постигне многу.

Со овој настан Мрдни со Прст продолжува со активностите за подигнување на свеста на граѓаните за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец.  ,,Tи си на потег” како слоган  на кампањата го повикува секој граѓанин да даде своја идеjа, да се вклучи и да реализира активности со цел да направи одреден придонес во заедницата во која живее.

Повеќе информации за тоа како секој може да се вклучи, а воедно и детали околу предходните и следните активности на Мрдни со Прст се достапни на www.mrdnisoprst.mk, како и на Facebook страната www.facebook.com/MrdniSoPrst