„Ден на крстот“ и годинава со војничко гравче и селски спортски игри

На 2 мај годинава, Општината Ѓорче Петров во селото Kучково, десети пат ќе го организира собирот „Ден на крстот“. Kако и изминативе години, ќе се одржат традиционалните народни спортски игри во дисциплините: тегнење јаже, скок од место, фрлање камен од рамо, трчање со јајце на лажица во уста, сечење трупци, тегнење со стап. И годинава на игрите ќе учествуваат четири екипи и тоа од општините: Илинден, Kисела Вода и две домаќински екипи.

Покрај спортските содржини, планирана е и богата културно-забавна програма . И оваа година традиционално ќе се дели војничко гравче за сите присутни гости на Собирот, информираат одговорните лица од локалната самоуправа.

Свечена архиерејска литургија ќе одржи архиепископот г.г. Стефан. Програмата на празничното дружење ќе почне во 10 часот, а финалето на селските спортски игри во 12 часот.

Иако синоптичарите најавуваат променливо време, домаќините од Ѓорче Петров очекуваат времето да ги послужи и посетеноста да биде голема.

Воедно, Општината, во соработка со ЈСП Скопје, за сите граѓани што ќе сакаат да дојдат на прославата од 8 до 17 часот ќе обезбеди бесплатен превоз од Волково до центарот на селото Kучково. Минибусите на ЈСП ќе сообраќаат на оваа релација на секој половина час.