Интервју со Дани Димитровска: Скопје преживува на апарати, му недостасува соживот и љубов!

Дани Димитровска важи за еден од најдобрите вокали на домашен терен. Секогаш искрена и без влакна на јазикот, понекогаш бунтовна, но секогаш со причина, реална и полна со инспирација. Минатата година ја заокружи со промоција на нов материјал кој го наслови "Град за љубов”. На него се наоѓаат осум теми во кои пее за изгубените суштински вредности како што се другарството и сочувството. За Скопје вели дека е нејзин град, нејзина прва и последна љубов. Во ексклузивно интервју за скопјеинфо.мк, рокерката открива детали од нејзиниот приватен живот, евоцира спомени од детството и открива како го создала новиот албум, на кој како автори се потпишуваат Весна Малинова-Бабамов и Кирил Бабамов.

Скопје Инфо: 2017 година ја заокруживте со промоција на албумот ,,Град за љубов”, кој на домашната јавност и го претставивте на 13 ноември, на роденденот на градот Скопје. Колку теми се наоѓаат на материјалот, каква порака носат и дали можеби токму Скопје беше инспирација за него?

Дани: "Град за љубов” е љубовно пакетче склопено од осум песни, од кои четири познати во етерот од пред промоцијата, т.е пуштени во изминативе две години.  Пораките кои ги пренесува албумов се враќањето на суштинските заборавени вредности како другарскиот дух, сочувството, љубовта, поддршката...За народот зборувам, за животот... и сето тоа во градов.  Го изгубивме "добар ден комшија, честитки за успехот”  - начин на живот... Од таму ми е инспирацијата, пластично кажано.

Скопје Инфо: Дали Скопје е град за љубов?

Дани: Секој град е град за љубов. Секое село и помала општина исто така... Каде било во светов. Мој град е Скопје и пеам за него!

Скопје Инфо: Какви спомени буди Скопје во Вас, на што прво Ви текнува кога ќе се спомене главниот град?

Дани: На детство, тинејџерство...Тон спомени од еден живот што има уште тродупло за дишење и создавање нови спомени.

Скопје Инфо:  Дали Скопје знае да живее, што му недостасува според Вас?

Дани: Љубов, соживот, другарство... Вистинско. Тоа му недостасува! Во моментов преживува на апарати.

Скопје Инфо: Тимот кој победува, не се менува! Потврда за ова е и фактот што и за овој албум повторно соработувавте со Весна Малинова-Бабамов и Кирил Бабамов. Како изгледаше процесот на создавање на материјалот?

Дани: Процесот беше долг. Ме учеше на трпение. Го создававме во навистина тешки години за земјава, ги поминавме сите најлоши работи, црпевме од сопствени буџети, но никогаш не изгубивме љубов за него.

Скопје Инфо:  Поминаа речиси два месеца од промоцијата, задоволни ли сте од тоа како заживеаја темите, се исполнија ли очекувањата?

Дани: Очекувања немавме и се уште немаме. Се радувам на секоја пуштена песна од албумот на радио, работам на нови видеа за останатите песни и не се трудам да им излегувам од фрижидер на луѓето.. Затоа ме радува кога некој во публика ги пее баш новиве песни од албумов. Посебно се радувам на секоја продадена копија. Тоа ми е љубов.

Скопје Инфо:  Настрана од професионалните ангажмани, што Ве исполнува приватно, наоѓате ли време за себе?

Дани: Време за себе во ова невреме кога сите се фокусирани на се останато само не на себе, има! Секогаш има. Во зависност од расположение ме исполнуваат различни работи. Пробувам различни нешта и повремено отворам очи за да не навлезам во комфорните зони.

Скопје Инфо:  Предизвик ли е да се биде мајка на тинејџер, синот Лазар неодамна наполни 17 години. Каков е Вашиот однос?

Дани: Голем е. Односот ни е другарски. Советувам и поддржувам. Тоа ми е функцијата. Го сакам, без трубење како е правилно според моите стандарди. Го инспирирам да создаде свои, да презема ризици и одговорности, го сакам. Толку!

Скопје Инфо:  Што може да Ве извади од колосек и да Ви го расипе денот?

Дани: Ширење омраза преку социјалните мрежи со цел - внимание. Е тоа ме вади од такт!

Скопје Инфо:  Идни планови за во 2018 година, имате ли некои зацртани цели?

Дани: Имам цели. Сите се поврзани со себереализирање преку музиката. Бидејќи од неа и за неа живеам. Буквално.