Дали се укинува појадокот во студентските домови - Наместо три оброци, ќе се добиваат два, за иста цена

Отсега наместо вообичаените три оброци кои им следуваа, идните академски граѓани кои одлучиле да ги користат услугите на студентските домови, за истата цена која ја плаќале и досега, ќе добиваат само два оброци.

Тоа значи дека трошокот за студирање станува поголем. Оброкот кој досега го покриваше државата, ќе мораат да го платат од сопствениот џеб.

Дали директорот на Државниот студентски центар под чија надлежност се овие три домови, индивидуално оценил дека студентите немаат потреба од појадок, или пак, одлуката е изнудена поради кратењето на цели 1,5 милијарди денари од буџетот за образование, останува нејасно, бидејќи раководството на домот не одговори на нашите повици.

Во меѓувреме, студентите секојдневно го изразуваат своето незадоволство, особено на на социјалните мрежи. Неодамна се побунија и поради појавата на инсекти во храната која им се служи.