Чипс 390 денари - И македонските деца и родители „полудеа“ по трендовските „Такис“ и „Прајм“

Светски познатите трендовски производи пристигнаа и во Македонија, а родителите со поделени ставови. Дел се жалат на високите цени и спорниот квалитет, други токму поради „помодарство“, за некаков „статусен симбол“ или едноставно од љубопитство на децата им купуваат од овие производи.

Имено, на социјалните мрежи родители споделуваат искуства со популарните „Такис“ - екстремно зачинет чипс произведен во Америка и со енергетскиот пијалак „Прајм“. 

Според зборовите на децата и тинејџерите, ова се „најјаките“ во моментов производи кои ги посакуват, се ултра популарни на социјалните мрежи, и ги „рекламираат“ најпознатите инфлуенсери. 

Родителите негодуваат од цените бидејќи овие два прозвода, одделно, чинат околу 400 денари.  

- Чипсот „Такис“ која стана хит и го бара и мојот 7-годишен син чини 390 денари за пакетче од околу 100 грама. Секако дека не му купив бидејќи е обичен зачинет чипс, споделува една мајка. Бев во шок кога ја слушнав цената. За два чипса може да се купат нови тренерки, додава таа. 

Енергетскиот пијалак „Прајм“ чини околу 370 денари шишенце. 

Токму овој пијалак беше забранет во Словенија бидејќи ја содржи состојката Л-теанин, која не е дозволена во безалкохолните пијалоци. Оваа забрана се однесува на една од двете верзии на овој популарен пијалок, која е откриена при контрола врз основа на извештаи во Словенија. 

Кај нас, според Агенцијата за храна и ветеринарство, е одобрена верзијата без кофеин т.е. производи декларирани како пијалаци за хидратација.

По оваа вест родителите реагираа дека овој пијалок не е препорачлив за возрасни, а камоли за деца во развој бидејќи кај голем процент предизвикува такихардии.  

- Дали некому што го чита ова му е познато дека од вакви енергетски пијалоци тинејџери по светов имаат добиено инфаркт и завршиле во болница? Другите ризици се делириум и психотични состојби ако се помеша со алкохол, а со дроги и други психотропни супстанци уште бетер состојби се имаат случено - се' до халуцинации и коматозни состојби? Ова не е ни за деца, ни за возрасни... алармира еден родител. 

- Потребен е закон кој ќе ограничи старосна граница под која трговците нема да продаваат енергетски пијалоци на малолетни лица. Родителот му дава пари на детето за појадок , а што ќе ќе купи во продавница не може да знае .Надвор од домот и од училиште , системот и законот е тој што треба да ги штити децата, вели една просветна работничка. 

- Како не можат да разберат родителите дека помодарство ќе ги уништи нивните деца. Ова веќе води кон натпревар меѓу родителите, не ми е јасно што се докажува тука моќност со пари или глупоќа понесена од модернизмот, констатира една скопјанка.