Булатович: Кога почнав да тренирав ракомет имав само лева рака, не бев некој талент, но инаeтот и напорната работа ми ги донесоа сите успеси и пехари

Доволно е да кажете Булатович и љубителите на ракометот веднаш да се сетат на леворакиот “бомбардер“ кој ги решета мрежите. Насмеана и опуштена за разговор, накратко кажано вистински професионалец и надвор од терените. Катарина Булатович има долга и успешна кариера, освојувач е на четири пехари во ЛШ, европски злато со црногорската репрезентација, сребро на олимпијадата во Лондон, прогласена е за најдобар голгетер во ЛШ, најдобра ракометарка, а секако на нејзината витрина има уште голем број на други признанија има една од најдобрите ракометерки на овие простори. Од сезонава ја промени средината и ќе ги засилува редовите на Ростов, ни откри дека нејзин омилен играч и идол е нашиот Кире Лазаров, а за нејзината преселба во Русија, од каде ја црпи мотивацијата за нови успеси, дали чувствува притисок кога е на терен, дали ривалството помеѓу ракометарките завршува по завршувањето на натпреварот или продолжува и надвор од терените и уште многу други интересни работи поврзани со неа и престојната сезона во ЛШ, прочитајте во интервјуто кое следува

Скопје Инфо: Ја промени средината, од Подгорица во Ростов, како е во Русија?

Катерина Булатович: Што се однесува до климата не променив многу, бидејќи во Ростов изминатиов период беше многу топло, околу 40 степени, како и во Подгорица. Но и зимите не се премногу ладни како на пример во Москва. Засега е стварно се супер, искрено не очекував, но пријатно сум изненадена. Градот е голем, доста се гради заради светското првенство, а има и многу добри ресторани, што е најважно (се смее).

Скопје Инфо: Ростов е нов предизвик за тебе?

Катерина Булатович: Тоа е клубот во кој решив да ја продолжам кариерарта после Будучност, мислам дека имаме добра сезона, имаме добра екипа, а имавме и доста натпревари изминатиот период на турнири, тоа е многу значајно за екипата пред почеток на ЛШ бидејќи има нови играчи и потребно ни е да имаме повеќе натпревари за да се запознаеме добро на терен, а имаме и голема помош и од останатите девојки кои веќе неколку сезони се дел од тимот.

Ростов е амбизиозен клуб што има високи цели во ЛШ, сметаш ли дека твоето доаѓање таму може да помогне во остварување на тие цели?

Катерина Булатович: Ростов минатата сезона не ја помина ниту групата во ЛШ, а во разговор со девојките тие ми кажаа дека повеќе размислувале за фајнал фор отколку за групите, така да оваа сезона одиме чекор по чекор. Мислам дека можам да помогнам и на крај нели и затоа сум донесена во клубот. Јас и уште неколку мои соиграчки го имаме почувствувано фајнал форот и борбата за пехарот и нашето искуство ќе им помогне на девојките кои не биле, а јас верувам во тие девојки и најважно е да одиме со ладни глави и како што реков, чекор по чекор.

Скопје Инфо: Какво е чувството кога се менува тимот, па одеднаш играш против своите кои до “вчера“ биле твои?

Катерина Булатович: Тоа е спортот и навикнати сме на тие промени. Играш за еден клуб, го даваш својот максимум, но веќе наредната сезона тие се твои противници, како денес што играв против Кристина и Мајда. На утакмица нема пријателство, но кога ќе заврши се е повторно како што било.

Скопје Инфо: Ти си една од најдобрите спортисти на овие простори, има 4 титули во ЛШ, злато на европско првенство, сребро на олимпијадата во Лондон, најдобар стрелец во ЛШ, најдобра спортистка и уште голем број на признанија, од каде ја црпиш мотивацијата за нови успеси?

Катерина Булатович: Мислам дека уште имам желба за нови успеси. Имам кажано дека кога ќе почне да ме мрзи наутро да одам на тренинг, тогаш сигурно ќе престанам да играм ракомет. А мотивацијата произлегува бидејќи го работам тоа што го сакам и најсреќна сум кога сум на терен, а после сите тие медали повторно имате желба за уште, бидејќи кога ќе ја освоите првата медаља чувството е неверојатно и тоа е нешто што не можете да го купите и тоа нема цена, па некако секоја наредна освоена ве враќа на првата и повторно се јавува тоа неверојатно чувство. Кога ќе го подигнеш пехарот, заборавате на сите припреми, на сите напорни тренинзи, на сите неизвесни натпревари, на цела тешка сезона и тоа е всушност чувството што нема цена. Се слави неколку дена, но не се живее од стара слава и повторно се размислува за освојување на нов пехар. Морам да истакнам дека покрај сите освоени троефеи во ЛШ, олимпијада беше мојата најголема желба. Со репрезентацијата бевме на две, но повеќе ја паметам таа во Лондон бидејќи го освоивме второ место.

Скопје Инфо: Играш на позицијата десен бек и познатати си по страотните “бомби“ кои ги упатуваш кон противничкиот гол, а кога тимот ќе закочи соиграчите и публиката чекаат ти да ја превземеш одговорност во нападот, па дали ти преставува тоа некаков притисок?

Катерина Булатович: Пред да почне натпреварот има мала трема, размислувате што како ќе биде, но кога ќе дојдете на терен и кога ќе почне натпреварот, се исчезнува, не постои никаков притисок. Се околу тебе што се случува е неважно, важно е само тоа што се случува на теренот, а искрено повеќе го сакам чувството кога цела сала свири, отколку да е тишина. Моето искуство е големо и не е возможно некоја ситуација да ми преставува притисок, макар бил последен напад во кој треба јас да погодам за победа.

Скопје Инфо: Ривалството и тензијата на терен е големо помеѓу играчите, тензија на моменти, но постои ли пријателство помеѓу ракометарките кога ќе заврши натпреварот?

Катерина Булатович: Ривалството е само на терен, но кога ќе заврши натпреварот завршува и ривалството и повторно сме пријателки какви што сме биле и пред натпреварот и секако дека продолжува дружењето.

Скопје Инфо: Тежок ли е патот до успехот и освојувањето на сите тие пехари и признанија?

Катерина Булатович: Почетоците се секако најтешки, но веќе кога ќе се влезе во тој професионализам нема време да се размислува за тоа што било, туку за тоа што следи. Секако дека и сега е тешко да се остане на врвот, но оној што напорно тренира и што е предаден 100% на спортот нема шанси да не успее во тоа што го прави, секако потребна е и среќа и да нема повреди. Јас кога почнував имав само лева рака, не ни бев некој преголем талент, но бев многу тврдоглава, не сакав некој да биде подобар од мене кога веќе знам дека можам подобро, а секој играч потребно е да го има тој инат. Сите врвни спортисти го имаат тој инат, а оние кои го немаат можеби токму и заради тоа не успеале и покрај талентот што го имале.

Скопје Инфо: Сметаш дека ти е предност во ракометот тоа што си левак?

Катерина Булатович: Па мислам дека не, бидејќи сега има многу левораки ракометарки, можеби и највеќе од било кога во минатото. Мислам и дека помеѓу нас има голема конкуренција и мислам дека не е преголема предност тоа што сум левак.

Скопје Инфо: Ти си идол на многу мали мали девојчиња и многу од нив сакаат да бидат Катарина Булатович во ракометот кога ќе пораснат. Кој беше твој идол додека растеше?

Катерина Булатович: Кога растев Сигурсон ми беше еден од најомилените играчи, а последниве десетина години омилен играч ми е Кире Лазаров, го обожувам како игра. Сите треба да имаме некој играч што ќе го сакаме, што ќе ја следиме неговата игра, да научиме нешто од него, но на крај секако да останеме свои.

Скопје Инфо: Какви се твоите планови по завршување на кариерата? Дали ќе продолжиш да се занимаваш со ракометот?

Катерина Булатович: Мислам дека нема да останам во ракометот и дека е доста од ракомет. Многу сакам деца и сакам времето да го поминувам со нив, па моја желба е да имам своја приватна градинка. Не знам колку тоа ќе успее, но би сакала да работам нешто друго што нема поврзаност со ракометот.

Скопје Инфо: Како ти се допаѓа Скопје?

Катерина Булатович: Јас тука сум била повеќе пати и мене тука ми е секогаш убаво, се чувствувам како да сум дома. Менталитетот е сличен на нашиот, храната е одлична, луѓето се супер, а имате и најдобри палачинки (се смее).

Скопје Инфо: Потребни ли ви се повеќе вакви турнири пред почетокот на ЛШ?

Катерина Булатович: Па сигруно дека се потребни. На втори септември ни започнува руското првенство, ние имаме наптревари, за разлика на пример од Вардар на кого му се потребни тие натпревари и регионалната лига, бидејќи тренинг и натпревар не е исто, а потребни се добри подготовки за тешките натпревари во ЛШ.

Скопје Инфо: Има ли вистина во тоа дека си имала понуда од Вардар за да се преселиш во Скопје?

Катерина Булатович: Мене тоа ме прашаа и вчера кога давав интервју, но до мене не е пристигнато ништо конкретно. Мојот менаџер знаеше јас што сакам, моментално се чувствувам одлично во новиот клуб, а од Вардар немам добиено никаква конкретна понуда и како да дојдам кога мене никој не ме викнал (се смее).

Скопје Инфо: Какви се твоите предвидувања за престојната сезона во ЛШ? Можни ли се нови изненадувања?

Катерина Булатович: Мислам дека и оваа година ќе има доста изненадувања, има многу добри екипи. Ние сме во многу тешка група со Ѓер, Митјиланд и Брест и тоа се навистина одлични екипи. После тоа, кој со кого ќе вркрстува ќе биде се различно, но сметам дека на почетокот ќе има изненадувања. Оваа година мислам дека конкуренцијата не била никогаш потешка и тие екипи што ќе влезат на фајнал фор според ден направиле одлична работа во текот на целата сезона.