Блогер од Порторико: Македонија има најубаво знаме и добри луѓе, уживав во архитектурата, црквите, природата и вкусниот ајвар

Луис е младо момче од Порторико, машински инженер по професија кој пред неколку години решава да ја напушти техничката кариера и да стане блогер. По две години работа за „Наса“, решава да почне да ја живее неговата лична пасија – патувањето и своите патувачки искуства да ги сподели на инстаграм и во медиумите. Веројатно направил правилна одлука, затоа што неговите видеа на инстаграм имаат стотици илјади прегледи, а секојдневно ударните локални медиуми во ударните термини пренесуваат интервјуа со него. 

Порториканецот кој живеe насекаде низ светот минатата недела беше во Македонија, каде ги посети Скопје, Охрид и Битола. Вели дека Македонија има едно од најубавите знамиња во светот, убава архитектура, споменици и највкусна храна. Во разговор за Скопје Инфо тој раскажува за одлуката да патува во овој дел од светот, кој е далеку од неговиот дом, раскажува и за луѓето, импресиите, храната и патувањето.

На самиот почеток вели дека по посета на многу земји насекаде ни светот,  пред три месеци решил да патува на Балканот и секако, Македонија била дел од неговата листа, бидејќи често учел и читал за неа, нејзината историја и Александар Велики.

„Освен за историјата не знаев многу за Македонија, додека не сретнав една Македонка која живее во Словенија, таа ми покажа прекрасни видеа од Македонија, кои беа објавени на инстаграм страната на Скопје Инфо, по што донесов одлука да дојдам тука“, вели тој.

Раскажува дека по самото пристигнување во Скопје, веднаш бил импресиониран од архитектурата, статуиите и спомениците, посебно големиот воин – Александар Велики. Како позитивно културно искуство ја издвојува „другата страна“ на Вардар и Старата скопска чаршија и вели дека тоа е убав контраст кој му дава шарм на градот и го прави посебен. 

Прошетал во Кањонот Матка, Вевчани и покрај Охридското езеро, за да види дел од убавата природа.

„Бев навистина изненаден, бидејќи во секоја секунда од прошетката бев сведок на нешто прекрасно. Особено, манастирите и црквите кои се навистина импресивни“, додава Луис.  Важен и неизоставен дел од посетите и прошетките низ Македонија е традиционалната македонска храна, а Луис вели дека веќе е голем фан на македонската кујна.

„Навистина ја сакам и уживав во македонската храна. Ја сакам македонската ракија и убавите салати, а ајварот, тараторот и макалото би ги вброил во највкусните мезиња во светот“, со многу страст и љубов раскажува тој, додавајќи го гравчето и македонското вино на листата на македонски кулинарски задоволства кои треба да се пробаат.

Еден од најубавите сувенири кои со задоволство ги чува е македонското знаме кое го купил од Вевчани, знаме за кое вели дека е едно од најубавите во светот и кое ќе има посебно место во неговата соба.

„Знам дека на ова знаме му претходеше „вергината“. Таа е навистина убава и знам дека Македонците ја сакаат. За време на мојата посета во Македонија и моите прошетки, кога ќе видев старо или ново македонско знаме, тоа ми даваше чувство на смиреност и ме потсетуваше на најубавите изгрејсонца кои сум ги сретнал некогаш“, објаснува Луис.

Додека бил во Македонија, Луис сретнал многу луѓе и вели дека „локалците“ се паметни и културни луѓе кои знаат да направат баланс помеѓу работата – живеењето и уживањето во природата и тие покажале почит кон него и му ја дале перспективата за државата, споделиле интересни факти за историјата, што го направило неговото патување незаборавно.

На крајот со нас го сподели патувањето во Вевчани каде разговарал со населението, научил многу за историјата и уживал во убавите Вевчански извори. 

„Тоа е место кое остана во мојот ум. Не знаев дека тоа е „држава во држава“, дека имаат сопствен пасош и сопствени пари“, раскажува тој за Вевчани.

На крајот вели дека наскоро на својот инстаграм профил ќе објави видеа од престојот во Македонија. Оттука, заминува за да ги посети другите дестинации во регионот, но ова место засекогаш ќе остане во неговото срце и неговиот ум и со задоволство ќе го споделува со луѓето во неговото родно место и оние кои ќе ги сретне за време на патувањата низ светот.

Ние се нетрпение чекаме да ја споделиме неговата објава посветена на Скопје и Македонија.