„Бјело дугме“, несомнено најголемата група на сите времиња во некогашна Југославија, сега во регионот повторно во Скопје. Илјадници македонци, не само жители на метрополата се израдуваа и ја наполнија Вип арената „Борис Трајковски“ до последно место. Ни Цеца,  ни Оливер и Џибони, ни Владо Георгиев… никој претходно не успеал така да ја наполни, што буквално немаше каде игла да падне.

Но, уште при најавите за концертот знаевме дека ова „Дугме…“ е малку поинакво, поразлично, малку „подоткопчано“. Бреговиќ, Ален, Тифа… лидерот, идеологот, авторот на сите песни и двајца од тројцата клучни – пејачите. Ама без бенд. Без остатокот на групата, од кои, рака на срце, сега некои се и покојни како Ипе Ивандиќ  (тапани) и Лаза Ристовски (клавијатури). На сцената грандиозна поставка од 40 -ина музичари. Тапан, дувачка секција, гудачки оркестар, тамбураши, голем хор, Бугарките како придружни вокали… и тие: Брега, Ален и Тифа. Или телото во вид на половина од „Оркестарот за свадби и погреби“ на Бреговиќ, плус срцето на најголемата група, двајцата пејачи и главата – мастерот, преточени во душата на она што се нарекува „Бијело дугме“ – нивните безвременски песни!

За почеток, инструментален, документарен видео вовед со исечоци од животот од најдобрите мигови на бившата заедничка татковина –  СФРЈ. И старт со „Плукни и запеј моја Југославијо“.  Носталгијата по убавите времиња и тоа како е се’ уште присутна. Барем кај оние што ги почувствувале, фатиле, доживеале… А такви, повеќе од половина сала. Затоа и многу добро знаат што значи епскиот стих на Брега: „Ко не слуша пјесму – слушаќе олују“! Оти го доживеавме и едното и другото… И за жал, ова второто, се’ уште го живееме.

На сцената покрај музичарите Ален и Брега го диктираат темпото како во златните денови на „Дугме…“. Песните преаранжирани, адаптирани и приспособени за ваквиот тип на  оркестарска изведба. Ама она што е добро – е добро. Звучи подеднакво свежо, како и да го изведуваш и после 30, 35, па и 40 години. Едноставно, некои песни се безвременски. Како повеќето на  Бреговиќ и „Дугме“. Целата арена пее заедно. Од прв до последен стих. Се цупка и „ѕенѕа“ на брзите, се лула и ниша, се палат запалки и мобилни на баладите… Ама се пее… Во еден глас!  Дефинитивно, „има некоја тајна врска“, некоја невидлива хемија помеѓу оние на сцената и нас во публиката. Некои невидливи конци не врзуваат и прават да ни е убаво, да сме барем на момент среќни, задоволни, безгрижни, одново вљубени… во она што сега, повеќе го нема, а сепак го има: нашиот свет на среќата, без оглед кои сме, што сме, од каде сме, за кого сме… сеедно! Тука сме, заедно сме и ни е убаво! Зашто, како што вели песната на Брега: Таа ноќ, кога ќе не стигнат потерите на курвата-судбина и…“!

Во вториот дел на концертот, на сцената на Брега и Ален им се придружува Тифа. Оркестарот се претвора во мини-симфониски, зашто  баладите од типот „Све ќе то мила моја прекрити снегови, рузмарин и шаш“, тоа го бараат. А публиката во делириум, пее заедно со него како во транс. И „Есма“ и „Радимо ја и радио“ и секако „Липе цвату“…

Еуфоријата кулминира со заедничката изведба на „Хајдемо у планине“ и… светлата се гаснат! Но само за кратко. Бисот е неизбежен. Публиката бара уште. Бис и тоа не еден, туку три!

За крај, уште по некоја од вечните балади… „Ружица си била“, „Тајна веза“…  и толку! Речиси три часа носталгична, волшебна, музичка психотерапија за душата. Да, навистина има некоја тајна врска… за сите нас! Барем на миг! Вчеравечер тоа беше „Бијело дугме“!

 

Извор: вистина.мк