Корисниците на јавниот превоз од почетокот на годинава треба задолжително да поседуваат електронска картичка и за возење во возилата на приватните превозници.

Електронските се купуваат само еднаш од билетарниците и од возачите

Секој што сака да се вози во автобус мора да поседува електронски билет, кој може да се најде и во билетарниците и кај возачите. Се продаваат во две варијанти: картичка со фотографија и лични податоци „моја скопска“ или, пак, за оние кои нередовно користат јавен превоз - неперсонализиран билет, без фотографија и податоци „скопска“.

Kоја е новината? Оваа картичка се купува или вади само еднаш во годината, а потоа само се надополнува со средства, нешто слично како ваучер за мобилен телефон. Изработката на персонализирана картичка чини 200 денари, додека неперсонализирана е 150 денари. Откако корисниците ќе ја купат во билетарница или кај возач во автобус, во јануари ќе ја добијат за 150 денари, но со плус пет гратис возења.

Kартичките може да се дополнуваат со разни видови билети според потребите - за 10 возења, месечен, годишен, сезонски, пензионерски, дневен итн. Ценовникот, детаљно е наведен на веб-страницата на ЈСП.

Kој не сака да купи од возач, може да плати со мобилен

Оние граѓани кои ретко користат автобус или оние што не се од Скопје, за да се возат во градскиот превоз имаат две варијанти - да платат со мобилен телефон билет на бројот 185 и во тој случај возењето ќе ги чини 40 денари. Втората е директно кај возачот да купат електронски билет „скопска“, кој чини 150 денари и во кој има пет гратис возења.

По искористувањето на возењата, картичката може да се надополни - со најмалку 100, а најмногу 6.000 денари и нема ограничен период до кога треба да се потроши сумата. Билетот за едно возење чини 35 денари.

Kартичките „скопска“, оние без лични податоци и слика, може да ги користат повеќе лица, но не можат со една картичка да се возат заедно во исто време. Овие картички може да се купат во 35 билетарници на ЈСП, во 52 продавници на територијата на Скопје, а има и три автомати за издавање и дополнување на картичките на Бит-пазар, кај Транспортниот центар и базата во Автокоманда.

Персонализираните картички, оние со фотографија и податоци, нешто слично на поранешната слободна карта, може да се изработат и да се купат по еднократна цена од 200 денари во осумте центри во Автокоманда, Аеродром, Центар, Бит-пазар, Шумарскиот факултет, Транспортен центар, Порта Влае и во Kарпош 2.

Билет за едно возење ќе има од февруари!

ТВ Нова информираше дека во сите автобуси на ЈСП Скопје и кај приватните превозници со почеток на месец февруари ќе се воведе билет за едно возење наменет за туристи и граѓани кои многу ретко го користат јавниот превоз. Цената на овој билет ќе изнесува 60 денари, а ќе се издава со фискална сметка.

Граѓаните и сега имаат можност да платат само едно возење преку своите мобилни телефони (засега само од мрежата на Телеком, наскоро и од сите оператори) со повикување на бројот 185 и доближување на телефонот до апаратот за валидирање во автобусите. На овој начин од сметката се одземаат 40 денари.

Цената за месечен билет за градски линии изнесува 1400 денари, додека за сите линии 1600 денари. Граѓаните со овој билет можат да се возат и во ЈСП Скопје, но и во автобусите на приватните превозници.