Баба Милка од Скопје до домот на Доналд Трамп!

Од медицинска сестра во скопската Воена болница, до дадилка на децата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп - ваква е животната приказна на баба Милка Милисављевиќ од белградската општина Гроцка, пишува Вечер.

Кога ја посетивме во нејзиниот дом, баба Милка даваше ексклузивно интервју за емисијата "Во центар", во кое на македонскиот новинар Васко Ефтов му раскажуваше за нејзините животни премрежја и впечатоците кои и ги оставил Доналд Трамп, но и за 15-те години кои ги поминала во Македонија пред да замине во Америка.

"Откако Трамп стана претседател медиумите не ме оставија на мира, секојдневно ми се јавуваат од скоро сите телевизии во Србија, а интерес за мене имаат и медиумите од Америка, Русија и Европа. Почнав да одбивам интервјуа, но Вас ќе ве примам! Вие сте од мојата Македонија!".

Баба Милка со голема радост раскажува за нејзиниот работодавец Доналд Трамп за кој работела 8 години во два временски интервали - го чувала прво нејговиот најстар син Доналд, кого нагалено го нарекува Дони, кога се родила ќерката Иванка била со друго семејство, па потоа повторно се вратила и го чувала вториот син на Трамп, Ерик.

Пред да замине во Америка живеела во Скопје, во населбата Тетовска Трошарина, во близина на Француските гробишта. Тука била 15 години и 2 пати се омажила. Во целиот период работела како медицинска сестра во Воената болница. Првиот сопруг бил алкохоличар со кого имала проблеми, па го избркале од армијата каде што работел, потоа се премажила и повторно се развела затоа што вториот сопруг бил женкар, како што вели.

- Многу го сакав Скопје, таму научив кај тие жени и добро да готвам. Се сеќавам на Македонките, една баба Гена никогаш нема да ја заборавам, живееше кај Француските гробишта. Таа ме учеше да готвам јадења и сега кога син ми ќе се врати на одмор ми вели: "Мамо, зготви ни грав. Ги сакаат нашите јадења. И навистина ме научија и баба Гена и останатите постари жени, многу ги сакам македонските жени", ни рече баба Милка.

Како шро пишува Вечер баба Милка,  јадењата кои научила да ги готви во Македонија, потоа ги пробал и Доналд Трамп, за кој, како што вели, посебно уживал во сармите кои му ги приготвувала иако тоа не и било дел од работните обврски - од ќеф и љубов знаела да готви за семејството Трамп.

Продолжува на наредната страна........

- Не беше пребирлив за храната. Јадеше што стигне. Ќе најде во кујната тенџере и јадеше директно од него. Многу сакаше сарми и полнети пиперки, а не пиеше алкохол а обожаваже освен понекогаш сок од домат. Сок од домат пиеше и за неговиот роденден на кој гостин му беше Роналд Реган - вели баба Милка.

Од Македонија заминала во 1975 година, имала пријатели кои живееле во Њујорк кои и дале гарантен лист за годишен одмор и така побегнала од армијата. Околу една година таму учела англиски јазик, по што го добила првото вработување кај тогаш младиот милионер Доналд Трамп.

- На интервјуто за вработување Трамп беше презадоволен од мене и веднаш ми даде работа, вели баба Милка, која појаснува дека на интервјуто Трамп и поставувал практични прашања како би се однесувала во одредени ситуации.

За Доналд Трамп говори како за многу великодушен газда. Никогаш немала никакви проблеми со него и постојано и давал награди и слободни денови.

- Секоја Нова година ми даваше по 1.000 долари, исто толку пари ми даваше и кога ми беше роденден. Кога имав куќна слава ми даваше слободни денови, а ми велеше и следниот ден да не доаѓам на работа. Кога и да имав проблем, доколку му се обратев ќе ми помогнеше. Мислам и ден-денес ако му се јавам и побарам помош од него, тој ќе ми помогне, вели Баба Милка.

Во целиот период дури работела кај него, ниту еднаш го слушнала да се расправа со неговата тогашна сопруга Ивана. Исто се однесувал и со децата, со кои разговарал и им раскажувал приказни. Никогаш не бил насилен и не викал.

- Ќе се врати дома, ќе ги измие рацете и ќе го остави сакото на место, затоа што жена му Ивана беше строга и не смееше работите да ги фрла било каде, по што веднаш одеше да ги прегрнува и бакнува децата. Сакаше да ги држи в скут и да им раскажува приказни. Имаше навика и да ги прашува како си го поминале денот, но ги прашуваше и за мене. Не си играше со нив, повеќе сакаше да разговара - ни вели госпоѓата Милка.

Таа често одела на патувања кога оделе децата со семејството Трамп. Вели дека Доналд ја гледал како дел од семејството. Се сеќава дека кога не одела со нив, Трамп и носел подароци.

- Беше во Русија, не се сеќавам дали приватно или службено. Се врати дома и раката ја држеше зад грб. Милка, ми вели, имам подарок за тебе, ми купил руска капа и ми ја даде за спомен од Русите за кои рече дека се многу добри луѓе, благородни. Навистина го сакаше рускиот народ - појаснува баба Милка.

Работејќи кај Трамп, вели дека запознала многу влијателни луѓе, меѓу кои и американскиот претседател Роналд Реган. Со радост ни ги покажуваше фотографиите од забавите на семејството Трамп.

Нејзината специјалност била чување на деца се до нивната 5-годишна возраст, а семејството Трамп било само едно од неколкуте семејство за кои работела во Америка. Со гордост ни го покажа и ни даде да го фотографираме листот за препорака кој Доналд Трамп и го дал откако завршила со работата кај него. Во него, сегашниот американски претседател на идните заинтересирани семејства им порачува да ја примат на работа Милка Милисављевиќ затоа што е вредна, респонзивна, грижлива, трпелива и на децата им пружи мајчинска љубов.Вели дека била неверојатно среќна кога Трамп го избрале за претседател и цело време навивала за него од почетокот до крајот на кампањата.

- Американците не можеа да изберат подобар претседател - вели баба Милка, која ни појасни дека преку српските медиуми му се обратила на Трамп да дојде во Србија каде што ќе им готви заедно со српскиот премиер Александар Вучиќ.