АСО: Секое трето возило има зелена карта

Сопствениците на возила во 2023 година вложиле 87 милиони евра во oсигурување од автомобилска одговорност. Во вкупните вложувања зелената карта учествува со 21 милион евра.

Иако во последните години се зборуваше за намалување на зелената карта со оглед дека македонските граѓани плаќаат најскапа зелена карта во регионот тоа не се случи. Сега од АСО соопштуваат дека Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ.

Вкупниот број на возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 5 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).

-Секое трето осигурано возило имало и зелен картон за патување во странство, покажуваат податоците. Во текот на 2023 година сите 11 осигурителни компании издале 260.815 зелени карти – осигурување неопходно за возење во странство. Бројот на издадени зелени карти лани е зголемен за речиси 20. 000 односно 8 отсто повеќе од 2022 година.

Осигурениците во зелени карти во 2023 година вложиле 1,3 милијарди денари (21,16 мил. евра), се наведува во соопштението од АСО.

Зелената карта, како што појаснуваат, е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена масимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.

Во нашата земја законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна стручна интересорна комисија.