Архитектонски ремек дела: Офицерски дом

Веројатно најпрепознатливото здание во Скопје во периодот пред земјотресот, а според многумина и најубавиот објект во поранешна Југославија. Постарите генерации ги паметат настаните одржувани во ова прекрасно здание и ентериерот го опишуваат како кралски дворец.

Објектот бил лоциран на десниот брег на реката Вардар, на самиот главен плоштад. Архитектот кој стои зад ова ремек дело е Вилијам Баумгартен, познат и школуван руски архитект, кој сосема случајно се нашол во Југославија во тоа време. Проектиран во 1925 година, кога и започнал да се гради, за да биде готови свечено отворен во 1929 година. Од катастрофалниот земјотрес во 1963-та бил делумно оштетен, но постоела можност да биде реставриран и вратен во функција. Сепак, една година подоцна по одлука на локалните власти тој е урнат.

Кога би бил реставриран би бил без конкуренција најголемиот предземјотресен симбол на градот и културата.

Според официјалниот опис на стилот во кој е граден објектот се вели:
„Овој објект (1929-63) претставува академски пример на своето време. Почитувањето на основните поставки на академизмот кај овој објект се согледуваат во однос на поставеноста на локацијата, при што условите наметнати од неговата местоположба на кејот на реката Вардар придонело и за основната организација по една оска, отворајќи простор за развивање на страничните фасади кон реката и кејот. Цврстата концепција на блокот што го затвора објектот, како една академска карактеристика, се надградува во хоризонтални појаси градејќи урамнотежена композиција со прецизен избор на елементи и стилски форми. Симетрично конципираната предна фасада ја усложнува странична фасада со високи столбови ориентирана кон кејот. Фасадната обработка до првиот хоризонтален разделен венец е спроведена со нагласена рустика, што визуелно го поставува објектот на цврста база, во која напуштањето на концептот на нагласена профилација и богата орнаментација е направено во корист на подвлекување на чувството за носив базис на кој почиваат богато расчленетите етажи. Ефектот на богата и пластично обработена фасада го создаваат столбовите прилепени до фасадното платно, кои се протегаат во две висини на објектот како реплика од страничната фасада. во полињата кои ги затвораат лаците под разделниот венец, се изведени кружни медаљони во касноренесансен манир. Фасадата е збогатена со додавање на бифорни и трифорни прозорци во полукружни ниши, кои потсетуваат на касно византиските традиции (помоден манир). Заради своите архитектонско-стилски карактеристики, овој објект спаѓа во групата на успешни примери на југословенскиот меѓувоен историзам. Тој е редок грандиозен објект од ваков карактер, на територијата на тогашната Вардарска Македонија.“

Во моментов се работи на реставрација на објектот со речиси идентичен изглед, на истата локација. Објектот ќе ја вдоми резиденцијата на градоначалникот на градот и матичната служба. Се очекува објектот да биде готов наредната година, со што Скопје повторно ќе го добие познатиот „Офицерски дом“.