Архитектонски ремек дела на Скопје: Соборна Црква

Главното место на кое Скопјани се собираат за христијанските празници, како и во целиот христијански свет е црквата. Секое скопско маало има своја црква и светец-заштитник, а Скопје во целина го има својот Соборен Храм. Покрај тоа што е најголема црква во Скопје, во комплексот на објектот е сместена и Скопскат Епархија. Камен темелникот за ова велелепно здание е поставен во 1972 година, а изградбата конечно е завршена во 1991.

Според типот, таа е ротонда, а димензиите на основата се 36х36 метри. Составена е од главна купола и неколку помали куполи и лакови. Црквата е со површина од 1 000 метри квадратни и се предивудва дека има капацитет од 6 000 верници. Патронот на црквата е Св. Климент Охридски, а одделни куполи и капели се посветени на Св.Богородица, Цар Константин и Елена и маченикот Мина. Она што го привлекува најмногу вниманието се фреските дело на академскиот сликар Јован Петров на внатрешниот дел на главната купола која е со површина од 650 метри квадратни. Иконостасот, кој е дело на Ѓорѓи Даневски и Спасе Спирковски е широк 19.5, а висок 12.5 метри.

Архитектот на ова обележје на градот е Славко Брезовски, кое своето осветување го доживеа на 12 август 1990 година, по повод 1150 годишнината од раѓањето на патронот Св.Климент Охридски. 45 метарската камбанарија, која може да се забележи дури од Влае, има 3 ѕвона од кои најголемото е тешко 1 тон. Во дворот на црквата се наоѓа фонтана која е подарок од Исламската верска заедница на Македонија, како и споменикот на архиепископот Господин Господин Доситеј, кој е донација од поранешниот градоначалник на градот, Трифун Костовски, а е дело на Томе Серафимовски.

Карактеристично за црквата е што има големи затемнети прозорци, па додека поминувате покрај неа во вечерните часови за време на литургија од надвор се гледаат прекрасните фрески нацртани на плафонот и величествениот лустер со кристали.