Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан го одликува градоначалникот Ѓорѓиевски со орден за посебен придонес

Со одлука на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, и врз основа на уставот на МПЦ, денес, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски беше одликуван со орден за посебен придонес, кој го носи името на првиот поглавар на возобновената МПЦ-ОА – „Архиепископ Доситеј“.

- “Ова е посебен ден, кој ќе го паметам целиот мој живот! Денес, со одлука на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, и врз основа на уставот на МПЦ, одликуван сум со орден за посебен придонес! Признание што многу мал број луѓе го имаат добиено во историјата на МПЦ. Ова одличие ‘Архиепископ Доситеј’, кое го носи името на првиот поглавар на возобновената МПЦ-ОА, е признание за мојот придонес за поставувањето на крстот во Драчево и за реконструкцијата на храмот ‘Света Петка’ во Црниче. Како човек, кој е израснат во семејство кое ги почитува верата и традицијата, мојата водилка секогаш е Бог. И, секогаш, колку што можам, ќе им помогнам на сите, на Црквата и на нашиот народ. Да се трудиме да станеме подобри луѓе, да има добра мисла помеѓу нас и секогаш да си подаваме рака – тоа е мојата вековна мисија! Сакам да изразам огромна благодарност до неговото блаженство, г.г. Стефан, кој секогаш е моја поддршка и ми дава мудри совети, како и Светиот синод за оваа чест, сакам од срце да им се заблагодарам и што успеаја да донесат светлина во ова време, да го сплотат нашиот горд македонски народ и да влеат надеж за да опстоиме“, рече Ѓорѓиевски.