Арената „Филип Втори“ ќе се адаптира за УЕФА Супер Купот

Распишан е оглас за пронаоѓање на проектантско биро што ќе ја изготви неопходната документација за обезбедување услови за одржување на УЕФА Супер Купот во фудбал на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, кој е планирано да се одржи во август 2017 година. Од АДСДП се во потрага по нови проекти што не биле дел од постоечката документација, а се однесуваат на исполнување на условите на УЕФА за одржување на големиот фудбалски натпревар.

Воедно, со објавениот оглас треба да се дополни и адаптира постоечката проектна документација на бирото „Македонија Проект“, врз чија основа беше остварена реконструкцијата и надградбата на најголемото спортско здание во земјава.

Избраното биро треба да ја спроведе неопходната ревизија на проектната документација, но и да обезбеди проектантски надзор врз нејзината реализација во сите фази. Врз основа на изготвената документација, Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор ќе треба да ги спроведе градежните и останатите активности за обезбедување на условите што ги пропишува УЕФА. Покрај оние содржини што досега не биле проектирани и изведени во реалноста, со претстојниот зафат треба да се адаптираат простории во поттрибинскиот простор и гледалиштето.

Од АДСДП проценуваат дека дополната и надградбата на проектната документација ќе чини 3.000.000 денари, без вклучен ДДВ. Најповолниот понудувач ќе биде ангажиран во временски период од 24 месеци. Висината на финансиските средства што ќе треба да ги одвои државата за целосно исполнување на критериумите на УЕФА ќе бидат дополнително утврдени, врз основа на изготвената документација. Заинтересираните субјекти за учество на публикуваниот оглас имаат рок до 1 февруари за да ги достават своите понуди.

Националната арена „Филип Втори“ беше пуштена во употреба на 24 април 2011 година. Вкупниот капацитет на фудбалскиот стадион изнесува 32.580 гледачи. Во годините што следуваа, АДСДП вложи дополнителни средства за изведба на фасадното обликување на зданието, како и на изведба на поттрибинските простории.

Во соработка со Build.mk