Андоновски: Нула корупција во јавните набавки

Дополнителниот заменик министер на Министерството за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски, беше во посета на Струмица каде што имаше средби со приватни компании од ИТ секторот и локалната администрација.

-Од она што можев да го забележам од досега реализираните средби e распространетото ниво на корупција, особено во јавните набавки, и начинот на кој што се распоредуваат и трошат народните пари во Општина Струмица, начинот на кој што сe набавуваат потребни материјали за општината, но и пошироко. Централната власт покажа колку е закоравена корупцијата. Затоа предлагаме “Нула корупција” преку интеграција и дигитализација на сите регистри, изјави Андоновски.

Тој посочи дека преку оваа мерка ќе се превенира корупцијата преку системот на јавни набавки, преку потекло на имот и дали некои луѓе се поврзани со проектите и на кој начин ќе ги добијат тендерите. Регистарот ќе ги спречи злоупотребите поврзани со лицата вклучени во јавните набавки во поглед на нивната подготовка и евалуација, но и учеството во истите од страна на компаниите кои конкурираат.