Интервју со директорот на ЈП Водовод и канализација, Александар Атанасов - Рекордниот број реализирани проекти се потврда за доброто работење на ЈП Водовод и канализација

Скопје Инфо: Упативте јавен повик до граѓаните со неплатени сметки за вода, да го намират долгот навреме без да се изложуваат на судски, нотарски или трошоци за извршители. Дали овој апел го зголеми нивото на свесноста кај граѓаните да си го подмират долгот?

Александар Атанасов:  Упативме јавен апел до сите корисници на ЈП Водовод и канализација - Скопје, кои имаат заостанати долгови за периодот од март до ноември 2016 година, истите да ги подмират до 20.02.2017 година, бидејќи по закон сме обврзани истите да ги оптужиме.

Во насока да не се случи тоа, ги повикавме граѓаните да си ги платат сметките за периодот март - ноември 2016 или за истиот период да потпишат договор на рати. Можам да кажам дека голем број на граѓани дојдоа кај нас и си го подмирија својот долг. Сакам да додадам уште нешто.  Граѓаните си имаат свои секојдневни обврски, со деца, со родители, работа, проблеми итн., затоа е потребно некогаш да ги потсетиме, дали на овој начин преку медиумите или преку самите сметки, дека треба да се подмират сметките и дека за истите имаат и опција да ги подмират на повеќе рати. Тому затоа и ние во изминатиов период ги изменивме сметките и додавме линии со три различни бои се со цел граѓаните секој месец имаат тековна информација за нивниот долг и истиот дали е пред оптужување.

Скопје Инфо: На оваа позиција дојдовте речиси пред 2 години што не е краток период. Кој проекти ќе ги издвоите како најважни за вашиот мандат?

Александар Атанасов: Точно, 2 години е еден значителен период, работевме заедно со менаџерскиот тим на многу проекти, многу работи беа променети во функционирањето на претпријатието и би рекол дека овој период веќе ги собираме плодовите од сработеното во минатите 2 години. Би ги истакнал проектите како, мој инкасатор, каде корисниците можат во секое време преку нашата веб страна https://www.vodovod-skopje.com.mk/да повикаат инкасатор да им го прочита водомерот, потоа плати брзо, доставување на состојба на водомер, каде граѓаните можат да го сликаат својот водомер и да ни ја испратат состојбата електронски, воведовме конечно нови униформи за инкасаторите и ги унифициравме истите.  Целта ни беше граѓаните полесно да ги препознаваат вработените, а посебно инкасаторите на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Потребата од униформирањето на вработените на Водовод произлезе од една страна инкасаторите полесно да си ја вршат својата работа, бидејќи некогаш граѓаните не ги пуштаат во своите домови или не им отвараат врата, поради страв дека можеби се работи за некое лице, кое се преставува како инкасатор и од друга страна сакавме вработените на Водовод да имаат лесно препознатливи и квалитетни униформи, бидејќи тие се лицето на нашето претпријатие и го имаат првиот контакт со корисниците. Потоа воведовме дополнителни контроли, преку кои откривме многу физички, а поготово правни субјекти, кои континуирано со години правеле штета на нашето претпријатие и Градот Скопје, со тоа што ја злоупотребувале водата, потоа направивме акции за поставување на водомери со далечинско отчитување во повеќе населби низ Скопје, имавме рекорден број на реконструирани и новоизведени мрежи и тоа близу 20 километри, со вредност од 180.000.000 денари со наши сопствени екипи, за разлика во 2014-та година на пример кога имало 53.000.000 денари или 2013-та 75.000.000 денари, го обновивме возниот парк, набавивме дополнителни возила и механизација како подршка за нашите екипи итн.

Скопје Инфо: Аеродром, Чаир, Сопиште и Центар добија електронски водомери. Која е следната општина каде ќе биде спроведена оваа акција? И каков бенефит имаат граѓаните од овој проект?

Александар Атанасов: Оваа година почна акцијата за поставување на нови 800 водомери со модули за далечинско отчитување во Сопиште во вредност од 4.8 милиони денари. Оваа акција заврши, со што од 1ви септември  почнавме со нова акција за поставување на 1400 водомери со далечинско отчитување во Општина Центар и понатаму продолживме и во другите општини. Вкупно беа поставени само за 2016-та година 2500 водомери со модули за далечинско отчитување.

Со поставување на овие модули, значително ќе се олесни читањето на водомерите на корисниците, а бенефит од истото ќе имаат и граѓаните и ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Со инсталирање на овие модули за далечинско отчитување, повеќе нема да има потреба од влегување на инкасаторите на имотот на граѓаните. Водомерите се отчитуваат преку блутут со далечина до 400 метри. Инкасаторите се опремени со ресивер и таблет, преку кои ќе се собираат точни бројки од водомерите, со што се надминува и проблемот со нередовно читање или сметки кои пристигнуваат со паушал.

Скопје Инфо: И покрај вашите апели најразлични предмети и градежни материјали секојдневно се вадат од канализациската мрежа. Кој е најкритичен период од годината на вештачкото затнување на канализацијата и со какви проблеми се среќаваат работниците на терен?

Александар Атанасов: Ова е е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме како претпријатие. Дел од граѓаните мора да сфатат дека сите линии и мрежи кои ги одржуваме се на сите нас, на градот, а ние живееме во него. Сите имаме бенефит мрежите да не се затнуваат или оштетуваат.

Имаме реален проблем со фрлање на отпадоци и цврсти предмети од страна на несовесни граѓани во нашите мрежи, а најмногу во канализационите мрежи. ЈП Водовод и канализација интервенира често и секојдневно се соочуваме со овој проблем. Притоа од мрежата се вадат, различни цврсти предмети, дури и цели казанчиња, ќебиња, јамболии, кожи, коски, зелки, камења, цели душеци, кабли, дрва, трупци, градежен шут  и други неразградливи материјали. Сите овие работи го намалуваат капацитетот на самата мрежа, истата може да се затне и потоа да се поплави самата улица или да се случи поголема штета кај граѓаните.

Најчесто вакви случаи имаме во периферниот дел од Градот Скопје, но нема правила, секаде наидуваме на вакви отпадоци.

Што се однесува за периодот во кој се фрлаат ваквите отпадоци најмногу, може да се каже дека периодот на завршување на зимата и почетокот на пролетта е нај критичен, поради фрлањето на зимницата и околу празниците и славите, каде се конзумира месо, а потоа остатокот се фрла во канализацијата, од таму и многуте коски и кожи кои ги пронаоѓаат нашите екипи во системот.

Исто така би сакале да нагласиме и воедно да упатиме апел до граѓаните, дека најголем проблем ни создаваат влажните марамчиња кои се фрлаат во мрежата и таквите слични материјали, бидејќи тие не се разградливи и притоа доаѓа до запушување на мрежата. Значи не разградливоста на овие материјали е причината поради која треба да се избегнува да се фрлаат во мрежата. Токму затоа и ваков апел до корисниците вметнавме и во самите сметки, во кои се потенцира дека влажните марамчиња не треба да се фрлаат во мрежата.

Скопје Инфо: Оваа година имавте многу инвестиции во инфраструктурата, каде се се работешe изминатиов период?

Александар Атанасов: Се работеше, низ целиот град,  во следните општини:

Г.Баба   ул. Алија Авдовиќ

Г.Баба   ул. Маџари

Г.Баба   ул. Бапчор

Г.Баба   Кружен ток с.Стајковци

Г.Баба   Вардариште

Г.Баба   Камник - стрелиште

Г.Баба   Гемиџиска бр.47

Г.Баба   ул. Лазар Поптрајков 18

Г.Баба   ул. Гемиџиска 53

Г.Баба   с.Стајковци ул. 6 бр.44

Г.Баба   Маџари Вардариште

К.Вода с.Драчево крак на ул. Сердарот

К.Вода ВВ Мрежа III фаза ул. Сердарот / Ратко Митровиќ

К.Вода Тех.реш.за реконструкција на ВВ мрежа по дел ул. Б.Трајковски

К.Вода бул. Борис Трајковски - 6, 11 Октомври

К.Вода с.Добри Дол

К.Вода ул. 3 Врапче с.Батинци

К.Вода Сервисна зона ЈУГ-кружен тек

К.Вода Ветрило комплекс Сопуште

К.Вода с.Сопиште ул. 29 лево

К.Вода с.Ракотинци ул. 1 крак 2

Чаир      ул. Чаирска и Афусзпашина

Чаир      Чаирска со К1 и К2 / Зефњуш Марку

Чир        ул. Бајрам Шабани

Бутел    Бел Камен ул. Радишанска

Бутел    ул. 18 Крак 38 с.Радишани

Бутел    ул. Љуботенски Пат а.с. 8

Бутел    Радишани кај резервоар - Симче Настевски

Бутел    Бел Камен крак

Аеродром          локалитет цеква УЕБ ул. Р.Чаевац

Аеродром          ул. Анастас Митрев ВЗ и НЗ

Аеродром          Г.Лисиче ул. Ѓ.Капчев / главна линија

Аеродром          Хотел Русија

Аеродром          Ѓ. Капчев крак 17

Ѓ.Петров             бул. П.Одреди карши пазар

Ѓ.Петров             н.Кисела Јабука - о.Ѓорче Петров

Ѓ.Петров             бул. П.Одреди карши пазар- II фаза

Ѓ.Петров             н.Кисела Јабука - о.Ѓорче Петров

Центар              ул. Стеван Цветковски ф160

Центар               Христо Чернопеев

Центар              Зграда Дирекција на ЈП

Карпош               ул. Копенхагенска и П.Драганов

Карпош               с.Глумово позади школо ф90

Карпош               ул. Титовоужичка

Карпош               ул. М. Марковиќ 27

Сарај                    Рашче над училиштето

Сарај                    Пат за каптажа

Сарај                     ул. Ѓорѓи Газепов

Вкупно во 2016та година беа реконструирани околу 20 км ВОДОВОДНИ и КАНАЛИЗАЦИОНИ мрежи во вредност од над 180 000 000 денари што е рекорд во реконструирани и зведени нови мрежи во една година.

Скопје Инфо: Граѓаните изминатите денови се жалат на многу чести и долготрајни дефекти во водоводната мрежа, на што се должи тоа?

Александар Атанасов: Дефектите кои се појавуваа во последниве денови не се разултат на намалените температури, но секако мора да се нагласи дека справувањето со дефекти на вакви временски услови, за нас како претпријатие предизвикува потешкотии, кои досега успешно ги надминуваме. Ниските воздушни температури директно влијаат на работата, во однос на механизацијата како и човечкиот фактор, кој секако треба да се справи со проблемот. Што се однесува можноста од замрзнување на водоводни линии, кои се претежно од помали профили, како како што е случај со шахти и приклучни линии, можам да истакнам дека доколку тие индивидуални шахти (кои се обврска на корисниците односно тие сами ги градат)  кои се прописно направени т.е. се на длабочина од минимум 1,5 метри, со заштитен капак на самата шахта, не постои можност еден таков систем да замрзне и да предизвика прекин на водоснабдување . Во однос на отстранување на дефектите, кои се јавуваат во овие лоши временски услови, нашето претпријате ги користи сите можни човечки, како и механизациони ресурси, за справување со истите.

Препорака до граѓаните би била како прво доколку воочат дефект на улица веднаш да го пријават дефектот на нашиот дежурен телефонски број 023073010, за да можат нашите екипи што побрзо да го санираат дефектот, второ куќните совети да си ги изолираат отворените инсталации, кои ги имаат во зградите за да не дојде до замрзнување. Исто така во врска со замрзнувањето, кое некаде се случува во зградите или други објекти, истото не може да се случи ако инсталациите се прописно изведени од страна на инвеститорите. Значи првата опција против замрзнување би била изолирање на инсталациите, а доколку не се излолирани или непрописно изведени граѓаните или куќниот совет треба да реагираат кај инвеститорите или самите да ги изолираат. Како што знаете ЈП Водовод и канализација – Скопје има надлежност до водомер, а понатаму инсталациите се во сопственост на самите граѓани или куќните совети.

Скопје Инфо: Кои се најчестите поплаки на скопјани? При пријава на дефект колку се спремни и брзи екипите на Водовод?

Александар Атанасов: Ние секојдневно имаме интеракцијата со граѓаните. Континуирано ги следиме нивните поплаки и конструктивни критики, по кои делуваме и се обидуваме да го најдеме надоброто решение за истите.  Така е во моментов, така и планираме во иднина да работиме, во служба на граѓаните. Многу од проектите кои ги набројав претходно, произлегоа од самите граѓани и нивните барања. Можам да кажам дека комуникацијата е двонасочна и секогаш излегуваме во пресрет кога можеме. Што се однесува околу спремноста и брзината на нашите екипи, ние имаме 20 пункта распоредени низ цело Скопје, кои се опремени и спремни веднаш да реагираат. Тука исто така се надополнува и дежурната служба.

Скопје Инфо: Претпријатието има големи должници со милионски суми меѓу државните институции, приватните фирми и домаќинствата. Kолку должат правните, а колку физичките лица?

Александар Атанасов: Во овој момент заклучно со 31.12.2016та година имаме:

Редовни побарувања домаќинство      515,203,713.22 ден.

Редовни побарувања стопанство (државни)   173,462,147.00 ден.

Редовни побарувања стопанство (приватни)  53,243,954.00 ден.

Тужени побарувања домаќинство        1,660,376,283.50 ден.

Тужени побарувања стопанство (државни)     281,486,388.00 ден.

Тужени побарувања стопанство (приватни)    43,297,646.50 ден.

Стечајни побарувања стопанство (приватни) 259,951,405.50 ден.

Вкупни побарувања     2,987,021,537.72 ден.

Скопје Инфо: Каква вода пијат скопјани? Дали јавното претпријатие може  да ги задоволи потребите на граѓаните со оглед на тоа дека главниот град прерасна во метропола со поголем број на жители?

Александар Атанасов: Точно така,  можам слободно да кажам дека квалитетот на водата во Скопје е на највисоко ниво, а во исто време вршиме и континуирани анализи на водата за пиење. Како основа за развој на едно општество е обезбедување на доволни количини квалитетна и санитарно исправна вода за пиење. Според најновите Законски решенија водата се третира како храна и подлежи на критериумите кои ги регулира Правилникот за безбедност на вода за пиење (Сл.вес. на РМ бр.46 од 07.04.08 г.). Покрај овој Правилник, областа на водоснабдување од аспект на операционализација на критериумите за квалитет како обврска на дистрибутерот, во случајот, ЈП Водовд и канализација – Скопје, ја регулира Законот за води.

Градот Скопје се снабдува со вода за пиење од изворот Рашче кој е хидрографски феномен со беспрекорно чиста вода, бистра со стабилен хемиски и бактериолошки режим. ЈП Водовод и кананлизација како претпријатие има законска обврска да обезбеди заштита на квалитетот и капацитетот на водните ресурси што се користат за водоснабдување на населението и за производство и преработка на прехрамбени продукти. Според Правилникот за безбедност на водата Центарот за санитарна контрола кој егзистира со три акредитирни лаборатории секојдневно го следи квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрежа од 49 мерни места во Градот и околните села, периодично од изворот Рашче и бунарите Нерези и Лепенец. Согласно Правилникот за безбедност на водата за пиење, периодична паралелна контрола на сировата вода за пиење од изворот Рашче, вршат и други акредитирани институции. Безбедноста на водата за пиење, начинот и методологиите според кои, ЈП Водовод и канализација - Скопје ги изведува своите обврски/дејности, важно е да се напомене успешното спроведување и практицирање на стандардот за квалитет МКС EN ISO/IEC 17025:2006 - Компетентност на лабораториите за тестирање и калибрирање, како и системот за самоконтрола врз основа на HACCP принципите за добра производна практика.

Добиените резултати укажуваат дека жителите на Град Скопје пијат безбедна и санитарно исправна вода, согласно критериумите зададени во Правилникот за безбедност на водата за пиење (Сл.Весник на РМбр.46/08).

Изворот Рашче по својот карактер, овозможува стабилен физичко-хемиски состав без реална опасност од појава на зголемување на концентрации на параметри кои би ја загрозиле безбедноста на здравјето на населението. Од тука призлегува дека  технолошкиот процес на производство на водата за пиење не предвидува никакви дополнителни постапки за обработка. Водата, преку воспоставената примарна и секундарна мрежа, населението ја користи директно со изворски квалитет и вкус. Како превентива, пред се од контаминација на секундарната мрежа, а како обврска призлезена од Правилникот за безбедност на водата за пиење ЈП Водовод и канализација врши санитација со гасен хлор, со концентрација на резидуалниот хлор до крајниот потрошувач од 0,20 до 0,50 мг/л .

Скопје Инфо:  Најавивте дека наскоро ЈП Водовод и Канализација се сели во нови административни простории, кога се очекува да биде тоа и какви новини ќе донесе во работењето?

Александар Атанасов: Со задоволство можам да истакнам дека веќе се бројат деновите до отварање на новата управна зграда. Овој период не закочија малку ниските температури, на кои не може да се работи со предвидената динамика. На катовите ќе биде сместени службите, а во приземјето ќе бидат пунктовите за корисниците. Ќе има 15 шалтери и тоа е  тројно повеќе од сегашните, при што многу побрзо и поефикасно граѓаните ќе можат да ги завршат работите на шалтерите. Воедно оваа година ЈП Водовод и канализација – Скопје одбележува јубилеј 110 години постоење, со што убаво се совпадна и со отварањето на новата управна зграда и сопствен дом, после повеќе од столетие постоење на претпријатието.

Скопје Инфо: Kои се приоритетите што си ги зададовте како први задачи за наредната година?

Александар Атанасов: За 2017та година според нашата инвестициона програма приоритети ни се:

Водоводна мрежа

1. Реконструкција и замена на водоводни цевки (азбест-цементни и поцинковани)

За осовременување на постоечката водоводна диструбитивна мрежа на потесната територија на градот во 2017 година ќе се продолжи со  динамиката на замена на постоечките азбест-цементни и поцинкувани цевки со поголеми профили и со употреба на квалитетни материјали, кои се отпорни на агресивноста на мрежата и влијанијата на динамичките удари со што ќе се намалат повредите на мрежата, а воедно и загубите на вода.

Во текот на 2017 година се планира да бидат реконструирани 10 километри азбест- цементни и поцинковани цевки од постојната водоводна дистрибутивна мрежа  со вкупна проценета вредност од 120.000.000,00 мкд.

2. Катодна заштита на магистрални цевководи

Во изминатиот период во делот на системот за катодна заштита се реализира изградбата на предвидените 6 нови станици со што се опфати целосна заштита на Железарскиот цевковод Ø 1600 и дел од Градскиот цевковод во делот од Каптажа Рашче се до  мостот Обединети нации. За целосна заштита на транзитниот Градски цевковод во 2015 година се изработи проект со кој се предвидени нови станици за катодна заштита, кој што ќе го опфати потегот од мостот Обединети нации се до Соборниот Храм, каде што цевководот завршува со дијаметар Ø 1400. Финансискиот опфат на ова инвестиционо вложување  III фаза за 2017 година се проценува на 17.000.000,00 мкд.

3. Останати инвестициони вложувања  од областа на водоснабдувањето

Реконструкција и санација на шахти од водоводниот систем и антикорозивна заштита на цевки, затворачи и фасонски делови, 

Со овие инвестициони вложувања ќе се продолжи векот на траење на цевководите и ќе се овозможи непречено функционирање на опремата, која е вградена за регулирање на хидрауличкиот режим на работа на цевководите. Проценетата вредност за 2017 година изнесува 6.000.000,00 мкд.

Систем за далечинско отчитување

Системот овозможува редовно читање на водомерите без нарушување на приватноста на граѓаните, сигнализира за дефектите во водоводната мрежа и неовластеното манипулирање со водомерите. Проценетата вредност за 2017 година изнесува 100.000.000,00 мкд.

Канализациона мрежа

1.Реконструкција и изградба на канализациона  инфраструктура 

Се планира инвестициони вложувања за реконструкција и изградба на канализациона инфраструктура за 2017 година со проценета вредност  во износ од 30.000.000,00 мкд. 

2. Реконструкција на сифон Влае

Поради дотраеност на објектот и начинот на неговата работа (физичко чистење и одржување  на фекален отпад и отровни материи) и потребата од модернизација на начинот со кој се одржува истиот, неодложна е неговата реконструкција (предвидено е подвижна решетка со далечинско управување, изведба на градежен дел и поставување на филтри и аспиратори заради отстранување на непријатната миризба). Проценетата вредност изнесува 10.000.000,00 мкд.

3. Со цел да се овозможи растеретување на постоечките главни фекални колектори и стремежот за целосно одвојување на фекалниот и атмосферскиот систем се предвидува изградба на:

Изградба на атмосферски колектор Ø1200мм по дел од бул. Киро Глигоров со вкупна вредност од 45 000 000,00 мкд

Изградба на атмосферска канализација по дел од бул. „Никола Карев“ – (од детелинка кај Битпазар до постоечки атм. колектор 700/1225мм)

Вредност 7 372 559,00 мкд.

Изградба на фекална канализација – пренасочување од постоечки атмосферски колектор  Ø800/1400 мм во постоечки фекален колектор Ø800мм (премин под бул.Никола Карев) Општина Чаир  со вредност 6 947 902,00 мкд.

Останати инвестиции

  1. Обновување и проширување на возен парк 80.000.000 мкд.
  2. Изградба (реконструкција) на објект за сместување на Реоните за општина Аеродром за Сектор Водовод и Сектор Канализација, со вкупна вредност од 24 000 000,00 мкд.