„Ако здравјето на граѓаните е загрозено, сите кои помогнаа Скопје да се дави во ѓубре ќе добијат кривични пријави“, најави Спасовски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кажа дека ако се покажат за точни информациите дека иселеници земаат плата од „Комунална хигиена“, секој ќе мора да одговара пред законот.

Спасовски посочи дека нема да има отстапки за никого и најави кривични пријави.

- Навистина ниту Скопје, ниту граѓаните не го заслужија ова што се случи изминатите денови. Еколошка катастрофа која го загрозува здравјето и животот на граѓаните. И без да навлегуваме во причините – ова е катастрофа. Најмалку сакам превирања да влијаат на животот на граѓаните. Ние вчера очекувавме и мислам дека денеска треба да биде доставен записникот од Инспекторатот за животна средина, комуналниот инспекторат, инспекторите на Град Скопје, за да ги видиме нивните наоди. Во координација сме со обвинител. Ако има елементи за кривично дело, за сите сторители кои допринесоа главниот град да се дави во смет – можно е да бидат поднесени кривични пријави, кажа Спасовски.