Адвокатот Илиевски за Скопје Инфо: Притворот во Македонија се злоупотребува, служи како мерка за казна и се врши притисок врз судечкиот совет да донесе осудителна пресуда

Последната одлука на Судот за човекови права околу незаконското продолжување на притворите на поранешниот министер за Труд и социјална политика, Спиро Ристовски и Митко Пешов ја актуелизира темата околу тоа како се водат судските постапки во Македонија. За таа цел разговаравме со Влатко Илиевски адвокат со огромно искуство, но и лично засегнат околу постапките кои се водат пред ЕСЧП, судските притвори, начинот на кој едно лице може да се жали до највисокиот суд, околу искуството но и личната и семејна борба кој тој ја води за да ја докаже невиноста на неговата сопруга.

Илиевски вели дека ова не е прва пресуда против Македонија, а многу извесно е дека нема да биде последна, во која што се утврдува повреда на правото од член 5 на Европската конвенција за човекови права, како легитимен се наметнува заклучокот дека националните власти не само што не извлекуваат поука од констатираните повреди, туку и дека постои основан сомнеж дека не станува збор за грешка и превид на властите при изрекувањето на мерките притвор, туку станува збор за политика која што има за цел одредена категорија на обвинети лица, кои што се третираат како политички противници на актуелната власт и за кои што одредени центри на моќ оцениле дека е опортуно да бидат тргнати од општествената сцена, да се држат во притвор.

„Последната пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), со која што се утврди повреда на правото на слобода на Спиро Ристовски и Митко Пешов претставува уште една од низата пресуди на ЕСЧП со која што се утврдува дека (i) националните власти во случајов судството и обвинителството не обезбедуваат доволни и релевантни причини кои ќе го оправдаат континуираниот притвор и дека властите прибегнуваат кон теоретски и апстрактни образложенија без да обезбедат конкретни факти за оправданоста од продолжување на мерката притвор и без да се даде процена за личните карактеристики на притворените лица и нивното поведение: (ii) дека не е обезбеден принципот на еднаквост на оружјата и контрадикторност во постапката за продолжување на мерката притвор затоа што обвинетиот и неговата одбрана не можеле да се произнесат по однос на предлозите на вишото обвинителство (што упатува на заклучок дека и самата судска постапка е контаминирана и во старт е повреден е принципот на правично судење) и (iii) дека одлучувањето по поднесените жалби на решенијата за продолжување на мерката притвор не била доволно брза, вели тој

Илиевски додава дека притворот во Македонија се злоупотребува и не се не се третира како мерка за обезбедување на присуство туку како казна, како инстант правда која не само што не служи за целите за кои што е пропишана во Законот за кривична постапка, туку го повредува принципот на презумпција на невиност бидејќи штом некој толку долго е држен во притвор мора да е виновен по обвинението и го изложува на притисок судечкиот совет, кој одлучува по обвинението, да донесе осудителна пресуда со што би се оправдал повеќегодишниот притвор.

“Неспорно е дека со невидена леснотија обвинителите предлагаат а судовите изрекуваат притвор без да се дадат доволно образложени причини за тоа, кои начесто се шаблонски, со користење на „copy-paste“ метода како резултат на која што се случува во поедини решенија за продолжување на мерката притвор, да се провлечат очигледни грешки на судот да образложението на решението не кореспондира со диспозитивот или со барањето на обвинителството. Сведоци сме и на случаи каде што против исто лице конкретно за Миле Јанакиески паралелно егзистираат две различни решенија за притвор или каде што повисокиот суд го продолжил решението за притвор две недели пред истек на претходното решение за притвор само затоа што било почеток на летната ферија па судиите не сакале да си го расипат одморот и решението го донеле порано. Сведоци сме и на една изјава на еден поранешен обвинител за организиран криминал и корупција, каде во што во наплив на искреност, самиот призна дека еден од обвинитетите за 27 април го заборавиле во притвор“, објаснува Илиевски

Најголема потврда за злоупотребувањето на мерката притвор според Илиевски може да се најде во една изјава на еден актуелен амбасадор, поранешен висок политичар на актуелната власт и самодеклариран поборник на заштита на човековите слободи и права, кој пред некои 6-7 години им порача на властите дека е потребно да се справи со припадниците на поранешниот „режим“ на начин што ќе ги стави истите во притвор па после тие нека се докажуваат дека се невини.

Тој додава дека мерката притвор ќе продолжи и понатаму да се злоупотребува се додека Судскиот и обвинителскиот совет не го санкционираат ваквото поведени на судиите и обвинителите.

Околу постапката за тоа како едно лице од Македонија има право да се жали во Стразбур, Илиевски вели дека за да биде успешна жалбата во Стразбург потребно е да бидат исполнети 3 предуслови

(i) жалбата да се поднесе пред истекот на четвртиот месец од конечната судска одлука;

(ii) да бидат исцрпени сите ефикасни правни лекови пред националните судови кои што му стоеле на располагање на жалителот и

(iii)жалбените наводи кои што се истакнуваат пред ЕСЧП да биле претходно истакнати пред националните судови заради запазување на принципот на субсидијарност согласно кој работи ЕСЧП.

“Исто така, жалителите потребно е да имаат во предвид дека овој Суд не е суд од четврта инстанца и не ја утврдува фактичката состојба ниту како националните судови го имплементираат националното право, освен доколку очигледно тоа не укажува на повреда на одреден член од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Жалбата е потребно да се осврнува на повреда на конкретен член од ЕКЧП, потребно е прецизно и концизно да се изнесат повредите повикувајќи се на судската пракса на ЕСЧП и прецизно и хронолошки да се изнесе фактичката состојба која е потребно соодветно да се документира со одлуки од националните власти“ вели Илиевски

Околу искуството со ЕСЧП, Илиевски вели дека има позитивно искуство со предметите кои се водат пред судот. Тој спомнува дека првата времена мерка која што ја има изречено овој Суд против Македонија датира уште далечната 2003- 2004 година е негово дело. Повеќето од апликациите кои ги има поднесено сеуште се активни, односно уште не е донесена одлука по истите, пред се поради начинот на работа на овој суд, во која доследно се почитуваат принципите на контрадикторност и секој поднесок од страните во постапката се доставува до спротивната страна која може да се произнесе по истиот. Како резултат на ваквиот принцип на работа, тој верува дека и поради огромниот број на апликации кои што на дневна основа доаѓаат во Судот, процесот на одлучување е пребавен и за одлука на судот најчесто се чека по пет и повеќе години.

“ Сметам дека е тоа е најголема слабост на овој Суд, затоа што пресудите на апликантите најчесто им значи само некоја морална сатисфакција. Верувам и дека националните власти со своите постапки често калкулираат со овој факт односно имаат во предвид дека нивните повреди на правата на апликантите ќе бидат предмет на оцена после подолг временски период, после кој многу од актерите ќе бидат или пензионирани или ангажирани во друга област а секако и политичкиот амбиент ќе биде поразличен и констатираните повреди нема да бидат толку актуелни. Не може да се пренебрегне фактот дека и самиот процес на избор на судиите во овој Суд се одвива во политичко тело во Советот на Европа така што ваквиот избор некогаш може да остави сенка на сомнеж дека позади одредени одлуки можно е да има некаков политички наратив или дека пресудувањето по однос на одредени апликации се темпира на начин да се имаат во предвид општествено-политичките случувања во соодветната земја“ кажа Илиевски.

За крај тој проговори и околу голготата со која тој се соочува во последниве години. Илиевски вели дека ова е неприродна состојба во тој се наоѓа и дека  наместо правосудните власти да ја докажуваат вината, ние треба да ја докажуваме невиноста на Гордана Јанкулоска во ситуација кога не постојат фер услови за тоа, односно не постојат услови за правично судење и целата судска постапка е фарса, каде што однапред се знае исходот од истата, а процесот се одвива само за да се задоволат формалните претпоставки за да се донесе осудителна пресуда.

“Мојата улога како родител на двегодишно дете од една страна (во моментот кога Гордана Јанкулоска беше спроведена на издржување на затворската казна синот имаше две години и три месеци) и како бранител од друга страна секако беше тешка, но поддршката која што ја имав од најблиските членови на смејството и сознанието дека Гордана е жртва на политички прогон и без тронка вина издржува казна затвор во нечовечки услови, ми даде сила и истрајност да продолжам во борбата. Нема поголем грев од тоа некој да осудите невин и притоа да знаете дека е невин, само заради остварување на болни кариеристички амбиции. Секој искрен и објективен набљудувач знае дека Гордана Јанулоска е неправедно осудена и тоа ни дава дополнителен поттик да истраеме во оваа броба бидејќи прогонот сеуште трае, односно сеуште е активен еден судски предмет – предметот „Тврдина“ за чија апсурдност верувам дека ќе имам можност повеќе да објаснувам во друга прилика. Верувам дека сите актери кои учествуваа во нарачката, помагањето и реализацијата на прогонот ќе ги стигне правдата, порано или подоцна“ кажа Илиевски

Тој дополни дека за жал, пред домашните судови остварувањето на правдата е невозможно и единствениот начин е преку ЕСЧП, за кој се знае дека е бавен, но не се предава во неговата намера.