1903-та: Одгласи во странскиот печат за смртта на Гоце Делчев

Револуционерното движење во Македонија за време на Илинденското востание, пред и по него, постојано беше во фокусот на вниманието на странскиот печат, како на европскиот, така и на американскиот. Во редовните рубрики „Македонија“, „Македонското прашање“, „Народно востание во Македонија“ и др. најде одраз борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава.

Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, а загинал во селото Баница на денешен ден во 1903 година, по долга и измачувачка битка со турската војска. Делчев е идеолог, организатор, водач на македонското револуционерно национално ослободително движење и еден од творците на револуционерните правни акти.

Широко одекна во печатот и загинувањето на организаторот и раководител на сеопштата борба, Гоце Делчев. Тој се опишува како „еден од најдобрите популарни мажи во Македонија“, „чесен, огнен патриот, кој без почин се бореше за слободата“, како „душа на сегашното револуционерно движење во Македонија“. „Со неговата смрт“, се вели во еден од извештаите, „ѝ беше зададен тежок удар на Внатрешната македонска револуционерна организација и на нејзините цели...“

Еве неколку написи од тогашниот печат во врска со револуционерната активност на Гоце Делчев и со детали за неговото загинување.
 

Реформи 5, 2.5.1903 (датумите се според стариот стил)

На 22 овој месец (месец април) четата на Делчев имала крвава борба во селото Баница, околу 4 часа на север од градот Сер... Востаниците се одморале во селото кога турската војска стигнала и ги нападнала. Бојот продолжил неколку часа со големи жртви за Турците, но и од востаниците изгинале доста. Селото најпосле било запалено, а остатоците од четата успеале да се доберат до врвовите на Шарлија Планина. Повеќето од жителите на Баница биле исклани – другите се разбегале по горите.

Востаниците се обиделе да ја префрлат Шарлијата и да се доберат до врвот Алиботум над селото Крушово, но не успеале да го заземат тој недостапен врв. Крушовскиот аскер, известен за борбите кај Баница, фатил позиции околу „Црвената Скала“ меѓу Алиботум и Шарлијата и им го пресекол патот. Отпочнала втора лута борба над селото Крчево и по јуначка борба, четата премалена, била разбиена.

Неколку души од борците влегле во планинските клисури и се спасиле. Не се знае дали Делчев е меѓу живите.

 

Словенец 104, 8.5.1903

Близу Скопје овие дни стана борба меѓу востаниците и турската војска. Од таа борба не пристигнаа подробности. Друга борба стана во селото Баница, близу Сер. Востаниците против Турците фрлале динамитни бомби. Борбата траела триесет часа. Од експлозиите на бомбите бил предизвикан пожар во некои куќи. Повеќе востаници во борбата ја нашле смртта. Убиени од турските зрна имало 11, меѓу кои и началникот Делчев. Кај него нашле карта на околината на Сер и нацрт за напад на железничката пруга.

 

Хрватско право 2247, 8.5.1903

Водачи на движењето

Ѓорѓи Делчев е... најмаркантната личност меѓу мажите што работат во солунското подрачје. Тој нареди да се разруши железничкиот мост кај Ангиста и е главен раководител на производството на динамитните бомби и главен организатор на револуцијата, типичен претставник на револтот на народот...

 

Обзор 107, 11.5.1903

...За борбата што стана неодамна помеѓу востаниците и турската војска кај Серез уште нема сигурни вести. Се зборува дека четата, која фрлаше многу бомби против војската, цела е уништена. Едно село сосема е изгорено, а многубројни селани од околните села се затворени. Констатирано е од автентична страна дека во таа борба паднал и војводата Делчев. Тој беше во востаничките кругови вонредно сакано лице и почитуван поради својата енергија и обдареност. Вести од Цариград јавуваат дека Делчев за внатрешната организација на востаниците повеќе чинел од Цончев, Сарафов и од другите и дека неговата загуба ќе биде за востаниците ненадоместлива.

 

Единост 105, 11.5.1903

Се говори дека во некоја борба близу Сер бил убиен и востаничкиот водач Делчев. Истиот, по својата професија бил учител. Не Цончев, не Сарафов, но Делчев беше вистинскиот водач на сегашното востание.

 

Нови лист, Риека 108, 14.5.1903

...Телото на Делчев, еден од водачите на Македонскиот комитет, е идентифицирано по хартиите што се најдени кај него. Барањата по куќите и запленувањето на оружје во сите македонски вилаети се на дневен ред. Телеграми од Битола говорат дека покрај строгите мерки на валијата, пазариштата се затворени, а христијаните не се решаваат да излегуваат од своите куќи.

 

Словенец 109, 14.5.1903

Голема борба стана во околината на Сер, во источна Македонија... падна исто и водачот Делчев, кај кого Турците го нашле целиот нацрт на македонската револуција. Дека тоа е вистина, потврдува и тоа дека разбрале за скривалиштето на востаниците.

Убиениот водач Делчев беше еден од најдобрите популарни мажи во Македонија. Беше чесен маж, огнен патриот, кој без почин се бореше за слободата. Како што живееше, така и умре. Се бранеше до последен здив. Неговото тело го агносцираа.

 

Хрватско право, Загреб 2254, 16.5.1903

За борбата во која падна организаторот на македонските одбори Ѓорѓи (Ѓуро) Делчев се јавуваат овие подробности: Борбата се водела во селото Баница... Четата од 60 до 70 луѓе ја опкружувал половина турски баталјон на 4 овој месец од 4 часот попладне до навечер следниот ден... Четата се бранела херојски, презирајќи ја смртта. Потоа ја дигнала во воздух својата муниција и складиштето на динамит. Тогаш побегнала оставајќи 12 мртви, меѓу нив и Делчев. Турците имале 5 мртви и 12 ранети.

 

Обзор 133, 13.6.1903

Енергичниот водач на Внатрешната македонска организација... Делчев падна пред три недели во Македонија, со трагична смрт. Делчев не беше активен војвода, но организатор на востаничкото дело. Не припаѓаше на ниедна востаничка чета, не учествуваше во борбените походи, а постојано патуваше од место до место преоблечен и маскиран за да не го препознаат Турците, одржувајќи постојани врски меѓу месните организации и востаничките чети, снабдувајќи ги со оружје и средства, давајќи им потребни упатства, храбрејќи ги на истрајност и издржливост во службата на народното дело. Загина во селото Баница во Банскиот округ, каде што Делчев беше свикал состанок на месните востанички водачи за да расправаат за понатамошниот тек на движењето. Такви состаноци се свикуваат одвреме навреме и обично добро поминуваат, иако некои стануваат често и под носот на самата турска полиција. Но овој пат, за несреќа на Делчев... стана поинаку и некој предател...помамувајќи се за 500 турски лири (околу 12.000 круни) што султанот ги распишал за главата на Делчев, им рекол на Турците дека во скоро време во тоа место ќе дојде Делчев.

Турците добро се спремиле за да не им побегне драгоцената уцена. Од сите страни се свикала војска што имала задача во одредено време да ја опкружи Баница и во неа собраните на советување востанички водачи. Со таа експедиција управувал самиот помошник на солунскиот паша, кој некогаш служел во редовите на бугарската војска. Тој учел во софиското воено училиште и го познавал лично Делчева. Турската војска на одреденото време ја опколи Баница. Турците почнале редум да ги пребаруваат куќите извршувајќи насилби и мачејќи го голоракото население. Скоро дојде ред на куќата во која се одржувал состанок. Кога Турците се приближиле до таа куќа, ја отвориле вратата и на прагот се покажал човек со револвер в рака. Тоа бил Делчев. Едвај што пречекорил неколку чекори, го составила со земјата цела салва од турските пушки. Делчев паднал застрелан од безбројни зрна. Вратата бргу се затворила, а од прозорецот востаниците отвориле жесток оган. Неколку турски војници паднале, а други побегнале и се скриле. Почнале да пукаат пушките во востаничката куќа, но зрната се забивале таму во камењата не погодувајќи ги востаниците. Штом Турците ќе се обиделе да се приближат до таа куќа, да провалат на вратата или да ја запалат, ќе ги дочекал страшен оган од востаничките пушки. Така борбата продолжила до ноќта, а кога се стемнило, опкружените востаници се извлекле од својата тврдина и под заштита на ноќната темнина се пробиле низ густите редови на турските стражи скоро без загуби.

Така сите ја изнеле жива својата глава. Но Делчев падна и тој успех ги плати во очите на Турците сите нивни неуспеси. Утринта му ја отсекле главата и со веселба ја однеле во Солун, а селото Баница, во знак на победа, со огин и меч го уништиле. Сега на тоа место се виѓаваат само пусти урнатини. Со Делчев падна човек што беше душа на сегашното револуционерно движење во Македонија. Со неговата смрт ѝ беше зададен тежок удар на Внатрешната македонска организација и на нејзините цели, особено во источниот дел на Македонија, каде што сè беше раководено од Делчев. Тој ги имаше сите востаници и сите луѓе на кои можеше да смета како на помошници во решавачкиот час. Уживаше голем углед меѓу востаниците кои верно го слушаа и на неговите упатства им се потчинуваа. Тој со својот углед одржуваше врски меѓу одделни востанички одреди што се држеа за општата основа и заедничките пароли што доаѓаа од Делчев за спогодбена и успешна постапка против непријателот. Делчев особено се одликуваше... со силно херојство, кое не познаваше никаков страв, со верност да се зафати за најопасен потфат, со необична прибраност во часот на гибелта и со сестрани врски и познанства по цела Македонија. Неговата смрт осетно делуваше на македонското движење, на кое тој му беше душа и срце. Приближно тоа е и причина за она извесно смирување на движењето во последните три недели.

 

(Од зборникот „Странскиот печат за Илинденското востание“, издание на Здружението на новинарите на НР Македонија, Скопје 1953)

izvor- mkd.mk