15-ка на струја: Во април ќе почне да сообраќа низ скопските улици

Скопје и фирмата Chariot Motors потпишаа договор за пробно користење на овој автобус за период од шест месеци.

Истиот ќе почне да сообраќа за пет недели.

Граѓаните на Скопје заслужуваат енергетски ефикасен јавен превоз кој нема да го загадува воздухот, изјави скопскиот градоначалник.
„Автобусот е направен согласно последните технолошки трендови во оваа индустрија. Се работи за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество на електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема да има емисија на издувни гасови во атмосферата во Скопје. Автобусот ќе сообраќа на линија 15, а станиците за полнење ќе бидат на крајните постојки во Ново Лисиче и Карпош 4.“ – изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Оваа израелска компанија со седиште во Софија, која соработува со кинеската компанија Хајгер произведува и до 76 автобуси дневно. Цената на еден автобус се движи од 460 до 500 илјади евра.

„Потрошувачката на електрична енергија на овој автобус е еден киловат час на еден изминат километар. Aко претпоставиме дека автобусот на линија 15 дневно изминува околу 300 километри, трошокот на дневна основа ќе изнесува 21 евро. Доколку направиме споредба со потрошувачката на дизелот од 45 литри на 100 километри, тогаш возењето на дизел чини 121 евро од ден.“ – изјави Александар Томашевиќ, претставник на Chariot Motors.

За модернизација на јавниот градски превоз годинава се предвидени околу 1,5 милиони евра од буџетот на Град Скопје, како и околу 300 илјади евра за приватните превозници.

Се уште нема информации за тоа кога и колку електрични автобуси ќе бидат купени, но според цената на пробниот автобус се очекува годинава да се набават три вакви автобуси.