15 години затвор за труење животни

Вознемирувачи се сликите со отруените кучиња. Револтот на граѓаните од големиот број агресивни бездомни кучиња, кои многу често напаѓаат минувачи, колку и да е оправдан, сепак, не може да биде оправдување за начинот на кој тие самоволно се справуваат со проблемот.

Во таа смисла, граѓаните мора да знаат дека труењето на животните е казниво дело и за тоа може дури и да се лежи во затвор. Само во Скопје беа отруени четириесетина кучиња, а меѓу нив веројатно имаше домашни миленици.

Граѓаните кои ќе констатираат дека некаде има фрлено отров, треба да се јават во полициска станица, на телефонскиот број 192. Треба да знаат дека отровите за 10 минути би убиле и човек. Животните што биле отруени деновиве, се тетеравеле, плукале крв, па се задушиле пред очите на растревожени минувачи, но и пред деца. 

Од „Анима мунди“ ги повикуваат МВР, Агенцијата за храна и ветеринарство, општините итно да изнајдат хумани и ефикасни начини за надминување на проблемот со бездомни животни, да се укине слободната продажба на отрови кои се опасност за сите и да се најде решение за формирање полиција за животни.