И на Македонците во Германија не им е лесно – скоро една плата им оди за плаќање кирија и сметки

Македонската дијаспора во Германија се соочува со значителни финансиски предизвици поради високите цени за изнајмување станови за живеење, особено во големите урбани центри, пишува порталот Денар.

Според последните извештаи, најниската кирија што може да се најде во градовите како Штутгарт, на пример, започнува од 1.000 евра, додека во помалите населби цените се нешто поповолни, ама не пониски од 700-800 евра месечно.

Во последните две години, цените на кириите во Германија значително пораснаа, што посебно ги погодува македонските имигранти со помали приходи.

Многумина од нив се принудени да бараат сместување во периферните делови на градовите или во помали населби за да можат да си дозволат покриеност на основните животни трошоци.

„Со мала плата е тешко да се најде пристојно сместување. Ние едвај успеавме да најдеме стан за 1,000 евра кој е доволно голем за нашето четиричлено семејство”, изјавува еден Македонец кој живее во близина на Штутгарт и работи како болничар.

Ситуацијата не е поинаква ни за другите странски работници во Германија.

Високите цени на станбениот простор и ограничената понуда создаваат напнат пазар на недвижности, каде што потрагата по стан може да биде исцрпувачка и долготрајна.

Оваа ситуација укажува на потребата од поголема поддршка за имигрантите и подобрување на условите за живеење, со цел да се олесни нивната интеграција и да се обезбеди достоинствен живот за сите граѓани кои придонесуваат кон германската економија.