Видео: Што се зборуваше на првата дебата во вториот круг меѓу Пендаровски и Силјановска-Давкова

На ТВ21 се одржа првата дебата за вториот круг од претседателските избори меѓу двајцатa кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ која ја предводи коалицијата „Македонија повторно твоја“, Силјановска Давкова, условувањето на албанските коалиции со уставни измени за формирање влада го смета за беспредметно. Таа вели дека некој за кој, според неа, се знае дека не е победник, не може да издава услови.

Во оваа прилика, возврати кандидатот на СДСМ од коалицијата „За европска иднина“, Пендаровски, порачувајќи и на Силјановска дека истото го прави и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ги условува албанските партии да ја поддржат Силјановска, за потоа заеднички да ја формираат владата.

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски во претседателската дебата на ТВ21 истакна дека повиците за бојкот доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, тие знаат дека се губитници. Битно е да се каже дека повиците од бојкот доаѓаат од политичката структура која ја поддржува г-ѓата Силјановска. Тие зборуваат за декуражирање на другата страна, нема да имаат интерес зошто знаат дека се губитници. Од моја страна, ниту некогаш било кажано ни помислено“, додаде Пендаровски. Тој додаде дека станува збор за уставна одредба која мора да се почитува, и која вели дека 40% од гласачкото тело мора да излезе за да имаме валиден претседател.

Од друга страна, Гордана Силјановска Давкова, во претседателската дебата истакна дека тие немаат проблем толку голем со Бугарија и нејзиното вето, туку со сегашната власт.

„Читате ли вие, поради „Фридом Хаус“, поради сите извештаи, поради отсуство на владеење на право, поради отсуство на правна држава, корупција и криминал, зависно судство на чело со двајца ваши членови во Советот. Знаете ли дека Судскиот совет е прогласен за фактор на зависност и политизација, не ги предложив јас претседателе, вие ги предложивте. Вие сте директен учесник во ова“, вели Давкова.

Таа додаде дека Пендаровски е првиот претседател кој го прекршил Уставот.