Утре силен ветер, дожд и електрични празнења, прогнозира Славчо Попоски

Под влијание на циклонска активност од запад, утре (четврток) времето во Македонија ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд во текот на претпладневните часови. Од пладневните часови на многу места ќе има развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, прогнозира познатиот метеолог Славчо Попоски. 

Локално, и тоа особено во централните , како и во источната половина од државава процесите ќе бидат поинтензивни, во форма на невреме, проследено со силен ветер и со појава на град, како и со силни и чести електрични празнења. Токму поради очекуваната појава на електрични празнења, апелираме граѓаните да бидат крајно внимателни, односно да не престојуваат на отворен простор и под осамени дрвја, вели Попоски. 

И во Скопскиот регион утре од пладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Можно е овие процеси да бидат застапени и во форма на невреме, прогнозира тој. 

Што се однесува до температурите, тие утре ќе се искачуваат во интервалот од 19 до 27 степени. Во Скопје утре температурата ќе се искачи до околу 25 степени.