Скапо, но трошиме до последен денар: Македонците и Србите ги „окупираа“ Солун и околните места

Во Грција велат дека Македонците и Србите се најдобри туристи – немаа многу пари, а трошат до последен денар. Продолжениот викенд и пролетниот распуст ги наполнија Солун и околните места. Во вториот град по големина деновиве често ќе слушнете како се зборува македонски и српски јазик.

Мали места со многу ресторани, модерни кафулиња и традиционални таверни, убави фамилијарни куќи, луксузни вили и апартмани, но пред се песочни плажи со кристално плава боја на морето и оваа година ги мамат туристите од Македонија и Србија.

Големиот број летувалишта сместени на прекрасното крајбрежје на Јонското и Егејското море, близината, но и гостопримливоста на грчкиот народ се доволно причини што и оваа година, Грција е најпопуларна дестинација за одмор и релаксација во летниот период.

Цените растат, но уживаат и тие со повеќе и помалку пари

Кој сака да потроши, има и каде и на што. Но, оние со поплиток џеб може да уживаат во благодетите кои ги нуди оваа медитеранска земја. И покрај тоа што цените на храната и пијачките варираат од место во место, а на островите се малку поскапи. Тие што се вратија веќе од Грчка, тврдат дека годинава цените бележат значаен пораст, па доколку планирате одмор во оваа соседна земја, ќе ви треба буџет поголем од оној о д претходните години.

Тие што веќе обезбедиле сместување со добро опремена кујна, ќе поминат многу поевтино, доколку сами ја подготвуваат храната. Супермаркетите се поповолни, а снабдени се и малите локални продавнички. Дури и самиот „шопинг“ во пространите и климатизирани продавници, преставува доживување и искуство кое ретко кој го пропушта. Во нивната понуда има сите видови месо, риба, овошје и зеленчук, а нема да погрешите доколку земете некоја од свежите и вкусни салата, грчка фета и кравјо, овчо или козјо млеко – еден килограм ќе ве чини од шест до осум евра.

Гирото е секогаш добра опција

Тие што не сакаат да готват, оброкот може да го заменат со омилената брза храна на грчки начин – гиро во тортиља, за кое ќе треба да одвоите од четири до шест евра, додека порција гиро со прилози во ресторани ќе ве чини од шест до десет евра. На крајот „на стоење“ може да се заблажите со палачинка, грчки десерт или пак сладолед.

Неизоставен дел од одморот во Грција се и грчките таверни со убава морска храна и со звукот на брановите. За ова задоволство треба да одвоите од триесет евра, па нагоре, во зависност од тоа што ќе нарачате за јадење и пиење. Пијачките се движат до 15 евра, место на скара од 5 до 20 евра, риба од 6 до 60 евра, грчка салата околу 5 евра, а толку ќе платите и за пиво.

Во износот, не заборавајте да го пресметате и бакшишот, кој е неизоставен дел од грчкото гастрономско уживање.

Уживањето на плажа оваа година е поскапо

Кој ќе реши летово да лежи на плажа на удобна лежалка под чадор, најчесто ќе плати од пет или седум до 12 евра. Понекогаш во таа цена е вклучен и еден пијалок или шише ладна вода. Доколку нарачате кафе дополнително, треба да платите уште четири евра, а за пиво пет евра.

Треба да се има на ум дека колку е подобар погледот, толку поскапи се пијалоците и лежалките. Во некои барови на плажа, на пример во Ситонија, за првиот ред, како што велат, ВИП лежалки треба да платите 30 евра, а за возврат добивате пијалок и сендвич или некоја друга ладна ужина, додека секоја нареден ред е поевтин. Ексклузивните одморалишта на некои острови, на пример Миконос, наплаќаат до 120 евра за изнајмување лежалки.

За да имате најдобар можен увид во планирањето на трошоците што следуваат на вашето патување, погледнете ја листата на просечни цени на намирниците, па „грубо“ пресметајте колку пари треба да понесете.

Плаќањето може да се изврши со готовина или картичка.