„Звукот на идната генерација“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток (14 јуни) во 20 часот. На концертот како солисти ќе се претстават талентирани студенти од Државните факултети за музика во Македонија, кои по пат на аудиција се избрани да настапат со оркестарот на Македонската филхармонија.

На програмата се дела од Росини, Шостакович, Форсајт, Равел, Росауро, Росе, Данци, Штраус, Кусевицки, Мијо. Диригент на концертот е маестро Сашо Татарчевски, а ќе настапат: Ангел Спировски – оркестарско диригирање (класа: проф. м-р Сашо Татарчевски), Артемида Ќари – пијано (класа: проф. д-р Марија Ѓошевска), Илза Бафтиари – виола (класа: проф. м-р Фросина Балова), Ивана Јанаќиева – пијано (класа: доц. м-р Кристијан Каровски), Антонио Весковски – удирачки инструменти (класа: проф. м-р Мојца Седеу), Никола Мицевски – кларинет (класа: проф. д-р Сава Димитров), Благоја Василевски – хорна (класа: вонр. проф. м-р Александар Гошев), Александра Чуруковска – контрабас (класа: м-р Александар Поп Христов), Стефан Неделковски – саксофон (класа: вонр. проф. м-р Нинослав Димов) и Филип Каревски – фагот (класа: вонр.проф. м-р Марјан Милошевски).

Концертот е традиционален и е последен од програмата за оваа концертна сезона на Македонската филхармонија. Следува уште еден атрактивен концерт на отворено, како и гостување на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“.

Сашо Татарчевски е роден во Битола каде го започнува своето музичко образование. Дипломира и магистрира на катедрите за оркестарско и хорско диригирање на ФМУ – Скопје во класите на Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски. Своето усовршување го продолжува на мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Сартеано, Санкт Петербург и Фиренца соработувајќи со познати диригентски имиња како Хелмут Рилинг, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Михаил Јуровски и Сајмон Керингтон. Настапувал со разновидни ансамбли како Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Оркестарот на Ермитаж – Санкт Петербург, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Симфонискиот оркестар на ФМУ, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, хоровите „Магнолија“ (Словачка), „Кантемус“ (Унгарија), „Иполитов-Иванов“ (Русија) и други симфониски, хорски и камерни состави. Во моментов Татарчевски е еден од најактивните диригенти во Македонија. Покрај редовната работа како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на Симфонискиот оркестар и Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, се јавува и како уметнички раководител на професионалниот мешан хор „Про Арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ. Има направено трајни записи со инструментална, вокално-инструментална и хорска музика во студиото „Фејмс“, а издадени се и неколку ЦД-а каде Татарчевски се потпишува како диригент. Освен во Македонија, има настапувано во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Чешка, Бугарија, Турција, Франција, Романија, Полска, Австрија и Русија. Има освоено голем број индивидуални награди за диригирање на интернационални настани, награди на конкурси со различни инструментални и хорски ансамбли, како и наградата на СОКОМ „Георги Божиков“. Член е на повеќе жири комисии на меѓународни натпревари, предавач на семинари и мастеркласи за диригирање и хорска музика, а од 2014 година е и уметнички директор на Меѓународниот хорски форум во Струга.