За многумина, денот не почнува кога ќе заѕвони будилникот. Почнува кога ќе се почувствува мирисот на кафето.

Photo by David Mao on Unsplash
Затоа утринското кафе е нешто повеќе од кофеин.
Науката сè почесто го разгледува кафето и како ритуал – повторлива навика која на денот му дава структура, познатост и чувство на предвидливост. Истражувањата за ритуалите поврзани со храна и пијалаци покажуваат дека ваквите секојдневни постапки можат да имаат когнитивна, емоционална и социјална улога.
Кафето има и многу конкретен ефект врз мозокот. Кофеинот се врзува за аденозинските рецептори и го намалува сигналот поврзан со поспаноста. Затоа по кафето се чувствуваме побудни, повнимателни и подготвени за концентрација.
Но има еден интересен детал: не е само првата голтка што ни годи.

Едно мултинационално истражување објавено во npj Science of Food покажало дека луѓето во просек повеќе уживаат во кафето наутро отколку подоцна во денот. Авторите посочуваат дека времето во кое го пиеме кафето е поврзано и со нашите навики, физиолошката будност и културниот контекст во кој кафето го консумираме.
Затоа утринското кафе може да биде и мал преоден ритуал: од сон кон будност, од тишина кон ден, од време за себе кон време за сите други.
Тука можеби се крие причината зошто луѓето толку често велат: „Не ми зборувај додека не го испијам кафето.“
Не мора да значи дека навистина не можеме да функционираме без него. Понекогаш едноставно ни требаат тие десетина минути во кои никој ништо не бара од нас. А ритуалот може да биде едноставен. Седнете наместо да го пиете кафето стоејќи. Не го земајте телефонот веднаш. Отворете го прозорецот. Слушнете ги птиците. Погледнете ја утринската светлина. Испијте ја првата голтка без да правите уште три работи истовремено.
Не мора секој момент од денот да биде продуктивен. Некои моменти едноставно треба да бидат убави.
И ако петокот го започнете со кафе, можеби денес не брзајте да стигнете до остатокот од денот.
Оставете го утрото прво да биде утро.