Зошто толку често се споредуваме со луѓе што воопшто не ги познаваме?

Некогаш, доволна е само една фотографија на социјалните мрежи за да ни се промени расположението. 

Photo by Look Studio on Unsplash

Некој објавил нова работа, патување, убав дом, партнер, диплома, успешен проект или едноставно фотографија на која изгледа задоволно. За личноста што ја гледаме можеби не знаеме речиси ништо, но нашиот ум за неколку секунди може да направи споредба: каде е тој, а каде сум јас? Зошто неговиот живот изгледа толку среден, а мојот не? Зошто тој напредува, а јас стојам во место?

Оваа потреба за споредување не е создадена од социјалните мрежи. Таа е многу постара од интернетот.

Во психологијата е позната како социјална споредба, а уште во 1954 година психологот Леон Фестингер предложил дека луѓето имаат природна потреба да ги проценуваат сопствените способности и ставови преку споредување со другите. Во средина во која немаме објективна мерка за тоа колку сме успешни, способни, прифатени или вредни во одредена област, другите луѓе стануваат своевидни референтни точки.

Од перспектива на мозокот, ова има смисла. Човечкиот мозок е особено чувствителен на социјални информации. Другите луѓе не се само дел од околината во која живееме; нивното однесување, статус и реакциите кон нас можат да имаат директни последици за нашата безбедност, припадност и пристап до ресурси. Затоа мозокот постојано собира информации за тоа каде се наоѓаме во однос на другите. Кога забележуваме дека некој има нешто што го немаме, системите поврзани со мотивацијата, наградата и проценката на значењето можат да се активираат. Не мора свесно да одлучиме да се споредуваме. Процесот често започнува пред воопшто да сфатиме дека сме направиле споредба.

Проблемот е што современата дигитална средина на нашиот мозок му дава огромна количина материјал за споредување. Некогаш човекот најчесто се споредувал со луѓето што ги среќавал во непосредната околина. Денес можеме за десет минути да видиме десетици луѓе кои купиле дом, основале компанија, се преселиле во друга земја, станале родители, патувале на места на кои ние не сме биле или постигнале нешто што ние допрва го посакуваме. Притоа, мозокот не добива целосна слика за нивниот живот, добива само селектирани информации.

Една фотографија од одмор не ни кажува ништо за долговите, конфликтите, осаменоста или стресот на човекот што ја објавил. Фотографијата од новата работа не ни кажува колку години неуспеси ѝ претходеле. Насмеаното лице не ни кажува како изгледал денот пред фотографијата. Но мозокот не работи со сите тие непознати информации. Тој работи со она што му е достапно. А она што е достапно на екранот изгледа како реалност.

Ова е особено важно затоа што мозокот има тенденција да реагира силно на информации што се конкретни, визуелни и лесно достапни. Кога постојано гледаме дека некој напредува, нашиот ум може да создаде впечаток дека тоа е нормалната состојба на другите луѓе, а дека нашите сопствени тешкотии се исклучок. Во реалноста, го гледаме само делот од нивниот живот кој е погоден за јавно прикажување.

Photo by Vitaly Gariev on Unsplash

Социјалните мрежи дополнително ја засилуваат оваа динамика затоа што ни овозможуваат постојано да се изложуваме на луѓе кои се „подобри“ во областите што ни се важни. Ако ни е важна кариерата, ќе забележуваме успешни професионалци. Ако ни е важен изгледот, ќе забележуваме луѓе кои изгледаат подобро. Ако сакаме да патуваме, ќе гледаме фотографии од патувања. Ако посакуваме врска, алгоритмот лесно може да нè изложи на бескрајни слики од туѓи љубовни животи.

Тука се појавува и една важна разлика меѓу споредбата нагоре и споредбата надолу. Кога се споредуваме со некој што го доживуваме како поуспешен, поспособен или посреќен, тоа може да создаде чувство на недоволност, но може и да ни покаже што сакаме да постигнеме. Од друга страна, кога се споредуваме со некој за кого мислиме дека е во полоша ситуација, можеме привремено да се почувствуваме подобро. Во двата случаи, сопствената вредност ја оставаме во рацете на туѓата позиција.

Но, важно е да се напомене дека многу од овие споредби всушност не стои желба да бидеме како конкретниот човек, туку стои некоја  наша незадоволена потреба.

Не го сакаме нивниот живот, но го посакуваме она чувство на сигурност што го поврзуваме со нивната работа. Не го сакаме нивниот стан, туку сакаме чувство дека сме напредувале. Не го сакаме нивното патување, туку сакаме слобода, сакаме и ние да имаме можност да избираме каде ќе одиме. 

Затоа зависта не мора автоматски да биде нешто негативно. Таа може да биде информација. Може да ни покаже каде постои желба која долго време ја игнорираме. Проблемот настанува кога од таа информација правиме пресуда за себе: „Тој има, јас немам. Значи, со мене нешто не е во ред.“ Во тој момент споредбата повеќе не ни служи за ориентација. Таа станува мерка за сопствената вредност.

Особено тешко станува кога споредувањето е поврзано со возраста. Тогаш повеќе не се споредуваме само со луѓето околу нас, туку со замислена временска рамка: до 30 требало да имаме ова, до 35 она, до 40 нешто трето. Кога ќе видиме човек на наши години кој изгледа како да ги исполнил сите тие очекувања, чувството на неуспех може да биде многу посилно.

Но животот не е универзален распоред.

Луѓето почнуваат од различни места, имаат различни ресурси, семејни околности, можности, здравје, контакти, интереси и приоритети. Двајца луѓе на иста возраст можат да имаат сосема различни животи и ниту еден од нив да не е „понапред“ во некоја објективна смисла.

Но, добро е да си ги поставиме следните прашања: 

Ако туѓиот успех нè погодува, што навистина посакуваме? Ако нечиј живот нè вознемирува, која наша потреба ја допира? Ако постојано се споредуваме во една иста област, дали навистина сакаме нешто од таа област или само сакаме потврда дека сме доволно вредни?

Тоа се многу покорисни прашања од „Зошто јас не сум како него?“

Туѓиот живот не е мерна единица за нашиот и не треба да биде. Она што го гледаме кај другите може да биде реално, но никогаш не е целата реалност. А мозокот, колку и да е добар во препознавање обрасци, не може да ни ја покаже приказната што не ја знаеме.

Сепак, најважната споредба не е онаа со човекот што го гледаме на екранот. Таа е со сопствениот живот и со прашањето дали живееме според нешто што навистина го сакаме или постојано се обидуваме да стигнеме до слика што сме ја презеле од другите.