Словенија неодамна направи значаен чекор во заштитата на јавното здравје и борбата против зголемената употреба на електронски цигари, особено кај младите. Од 24 април 2025 година, во земјата стапи во сила забрана за сите вкусови кај електронските цигари, освен вкусот на тутун. Целта на оваа мерка е да се намали привлечноста на овие производи, за кои здравствените власти предупредуваат дека се опасни по здравјето и често се користат од деца и млади на возраст од само 9 до 11 години.
Според словенечкото Министерство за здравство, новата регулатива се однесува и на ароматизираните полнења, независно дали содржат никотин или не. Истражувањата покажуваат дека ароматизираните електронски цигари – особено со овошни и слатки вкусови – значително придонесуваат за зголемување на бројот на корисници меѓу малолетниците. Покрај ризиците за здравјето, како зависност, оштетување на срцето, белите дробови и мозокот, овие производи оставаат и значителен отпад и влијаат врз животната средина.
Словенија не е единствена земја што воведува строги мерки против употребата на електронски цигари. Сѐ повеќе европски земји се приклучуваат на овој тренд:
Белгија стана првата членка на Европската унија што целосно ја забрани продажбата на еднократни електронски цигари. Забраната стапи на сила на 1 јануари 2025 година, поради сериозната загриженост за еколошката штета и употребата меѓу младите.
Франција ја следеше Белгија и на 25 февруари 2025 година воведе забрана за еднократните вапови, со фокус на здравствените и еколошките последици.
Ирска најави целосна забрана за продажба, увоз и производство на еднократни електронски цигари, со цел намалување на малолетничкото вапирање и пластичниот отпад. Законските измени се очекува да стапат на сила до крајот на 2025 година.
Иако во моментов не постои унифицирана забрана на ниво на Европската унија, расте поддршката за хармонизирана регулатива – од повисоки стандарди за рециклирање и обележување до целосна забрана. Производителите веќе реагираат со алтернативи како што се биоразградливи материјали и уреди за повторна употреба.
Европа се соочува со предизвик: како да се заштитат младите и животната средина, без да се поттикне развојот на нерегулирани црни пазари. Но една работа е јасна – трендот на ограничување на електронските цигари се шири, а Словенија е меѓу земјите кои предничат во оваа борба.