Групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје, НА ТОЧАК, уште еднаш апелираше за намалување на дозволената брзина во градска средина, откако во тешка сообраќајна несреќа што се случи завчеравечер во близина на трговскиот центар „Сити мол“ загина 25-годишна девојка, а едно лице беше повредено.
Во објава на Facebook, НА ТОЧАК образложија зошто цело Скопје (освен булеварите) треба да стане Зона 30 и зошто на булевар не смее да се вози повеќе од 50 км/ч.
„Возењето прилагодено на условите во населено место спасува животи, а брзината убива. Знаејќи го тој факт, ако некој свесно вози побрзо од дозволеното низ населено место, треба да одговара за убиство со умисла“, стои во објавата.
Полицијата мора да се ангажира и да ги впрегне сите човечки и технолошки потенцијали да не постои еден некaзнет што надминал 50 км/ч, апелираат од НА ТОЧАК и додаваат дека Градот мора да ги дизајнира булеварите со потесни ленти (максимум 3 метри) и помали радиуси на свртување кои одговараат на брзини до 50 км/ч, а не на брзини до 90 км/ч.
НА ТОЧАК исто така предлагаат:
Ако возачот возел со соодветна брзина, ќе закочел навреме и ќе се избегнел ударот или немало да биде смртоносен, велат тие и потсетуваат дека порастот на брзината експоненцијално ја зголемува шансата за фатален исход.
„Ако при брзини од 30 км/ч шансата за преживување е 90%, при 50 км/ч, шансата за преживување е 60%, при 60 км/ч се намалува на 20%, а веќе за брзини над 70 км/ч, шансата за преживување на пешак е 0%, нагласуваат од НА ТОЧАК.