Зошто си сама? Зошто не се омажиш? Кога ќе родиш дете?

Зошто си сама? Зошто не се омажиш? Кога ќе родиш дете? Колку пати сте биле бомбардирани со вакви прашања кои станаа толку досадни што веќе е излишно да даваме какви било одговори.

Колку повеќе се трудите да го образложите својот став или причини, уште понапорни стануваат луѓето. Едно е сигурно, секогаш кога некој ќе постави такво прашање, мене ми се крева секое влакно на косата, особено од онаа позната фраза: „Време ти е“ на која мора да ѝ се посвети посебно внимание.

Секогаш кога некој ќе ни постави такво прашање, дел од нас помалку умира. Тоа е исто како кога јас би земала да ве прашувам: „Како ти е во брак? Кога деца? Среќни сте?“ Ако немате што попаметно да прашате, подобро е да си молчите.

Со оглед на тоа дека живееме во 21 век, границите за многу работи се поместени, а со тоа поместено е и времето за носење на многу важни и нималку едноставни животни одлуки. Работите едноставно се наметнуваат, а ние сме тука за да се бориме. Она што е останува како факт е дека луѓето секогаш повеќе сакаат да се замараат со туѓите животи отколку со своите, а кога барем еден дел од таа енергија би ја вложиле во сопствените животи, можеби истите би им биле многу поквалитетни.

Убаво е кога ќе си ја пронајдеш својата втора половина и кога ќе основаш семејство, но не по секоја цена, а тука мислам на оние кои се мажат и женат само затоа што мислат дека така ќе бидат општествено поприфатливи. Тие највеќе сакаат да солат памет за тоа што е правилно, а што не. Секако, има луѓе кои влегуваат во брак заради љубов, а не само затоа што мислат дека така треба и тоа е најпрекрасната работа на светот.

Во сето ова, единствено можам да ги разберам родителите кои се грижат затоа што им е страв да не останеме сами, а стравот е најлошиот непријател. Водени од него, луѓето прават грешки кои можат да имаат долгорочни последици. Никој не е луд за да не знае дека времето неуморно лета и дека годините си минуваат. Но, сепак, ништо не треба да се прави на сила. Замислете каков пекол би бил тој живот.

Сите се во брак, а сите би правеле нешто надвор од бракот. Сите се наводно среќни, а внатре во себе длабоко несреќни. Сите сакаат да го надоместат она што го немаат. И тогаш се запрашувате кој е тука луд? Зошто толку ги напнуваме луѓето да се врзат со некого? Можеби мене и вака ми е добро. Можеби таква ми е судбината. Можеби такви биле околностите. Важно е да бидеме она што сме. Да не се губиме себеси, без оглед на тоа дали биле во заедница или не. Едноставно да дишеме, а не да се гушиме.

Очигледно е дека слободата боде очи. Знаат и самите дека слободата има свои предности, затоа што одговараш само пред себе и пред никој друг. Па така, тоа напнување е навистина непотребен замор.

Да заклучам, сакам квалитет, а не квантитет, а времето ќе ми дојде кога јас ќе кажам дека ми е време и кога ќе почувствувам дека навистина дошло време. Па сигурно знам што е најдобро за мене.